Пазарниот инспекторат од денеска со засилени контроли на терен. Ќе бара дали цените на производите ќе ја следат пазарната логика или трговците ќе стават нови со нереално високи бројки.
Од денеска престанува мерката замрзнати цени која се однесуваше на дел од основните прехрамбени производи. Нејзино продолжување нема да има но затоа се очекува проблемот со енормно поскапување да се реши со Законот за нефер трговски практики кој пак се уште е заглавен во Собрание.
Од Владата претходно рекоа дека не очекуваат нагло да пораснат цените на производите зад кои застана преку ознаката гарантирана цена бидејќи како што рекоа сметаат дека трговците веќе ја научиле лекцијата од претходното искуство, но доколку сепак повторно стават нереално високи и непазарни цени ќе бидат санкционирани со високи парични казни.
Дел од членките на Сојузот на стопанските комори деновиве рекоа дека нема да има големи корекции како и дека раст на цените ќе има само кај оние производи кај кои до сега се работело нерентабилно. Граѓаните сепак стравуваат дека трговците повторно ќе удрат врз нивниот џеб.