Индонезиските спасувачки екипи денеска почнаа да користат тешка механизација за отстранување на урнатините од срушениот исламски интернат, откако напредните уреди за откривање повеќе не регистрираа знаци на живот, соопшти националната агенција за справување со катастрофи.
Оваа одлука означи премин од макотрпни рачни пребарувања кои се спроведуваа откако четирикатната сала за молитви на интернатот „Ал Хозини“ во областа Сидоарџо во Источна Јава се урна за време на попладневната молитва во понеделникот.
Спасувачите вчера извлекоа пет лица живи, но речиси 60 други, повеќето на возраст меѓу 13 и 18 години, сè уште се водат како исчезнати, соопшти Националната агенција за управување со катастрофи. Двете тела пронајдени вчера, го зголемија смртниот баланс на пет лица.
Спасувачите користеле термални дронови и други сензори за откривање живот под тони бетон, тули и извртени железни прачки, рече шефот на агенцијата, Сухарјанто.
– Го стерилизиравме местото и го направивме целосно тивко за да може нашата опрема да ги регистрира сите знаци на живот, доколку ги има, им рече Сухарјанто на новинарите. – Но, немаше ништо, додаде тој.
Сега ќе се користат багери и друга тешка машинерија за расчистување на урнатиот бетон и железни греди, рече Сухарјанто. Властите нагласија дека работата ќе продолжи внимателно за да се избегне дополнителна опасност за затрупаните жртви.
За да спречат понатамошно уривање, тимовите избегнувале кранови и тешка машинерија, наместо тоа лазеле низ шахти помали од 60 сантиметри широчина и работеле рачно со прирачни алатки.
Во операцијата учествуваат повеќе од 200 лица, вклучувајќи војници, полицајци и инженериски експерти, како и специјалисти за градежно инженерство со искуство во уривање на згради, рече Сухарјанто.
Повеќекатниот објект се урна за време на работата со истурање бетон, кога наводно попуштил еден потпорен столб. Околу 100 луѓе го преживеаја уривањето, од кои многумина сè уште се лекуваат во болница.
Индонезија, најголемата нација со мнозинско муслиманско население во светот со околу 240 милиони верници, е дом на десетици илјади традиционални исламски интернати, познати како „песантрен“.