Љубителите на фудбалот со нетрпение го очекуваат Светското првенство, заради самиот фудбал, но и заради албумот со сликички на Панини и сите придружни активности од тоа хоби -купување сликички, менување дупликати, со цел, ако е можно, албумот да се пополни пред почетокот на првенството.
Едно осумгодишно момче од Бразил годинава немало среќа да добие Панини албум. Мајка му немала пари за тоа, па детето само си направило албум, цртајќи ги лицата на фудбалерите.
– Кога го заврши албумот, рече оти сака да го однесе в школо. Мислев дека децата ќе му се смеат…, вели мајката на момчето.
Меѓутоа, другарчињата биле воодушевени.
– Би сакал да сум креативен како него и да знам вака добро да цртам, вели едно од децата од одделението на малиот уметник.