Најмалку 16 лица се повредени во главниот град на Киргистан во синоќешните судири меѓу полицијата и демонстрантите, кои го оспоруваат  резултатот од парламентарните избори, во кои доминираат сите партии блиски до претседателот.

Полицијата употреби солзавец и флеш бомби за да ги растера стотиците демонстранти кои се собраа во центарот на Бишкек. Британските медиуми наведуваат дека некои од нив се обидоа и  да ја прескокнат оградата на резиденцијата на претседателот.

 

Во конфликтот меѓу двете страни е повреден и Јанар Акајев, еден од лидерите на опозицијата.

Поддржувачите на неколку партии кои не освоија ниту едно место во парламентот, барем според првичните резултати, се собраа на централниот плоштад во главниот град Бишкек, оценувајќи го гласањето за наместено.

Двете најсилни партии ќе доминираат во парламентот: партијата Биримдик (Единство), предводена од приврзаници на претседателот Соронбај Зенбеков, која освои 24,45 проценти од гласовите и партијата Мекеним Киргистан (Татковина) со 23,95 проценти од гласовите, во чиј список се поранешни членови на коалицијата и поранешни членови на опозицијата, јавија британските медиуми.

Рискелди Момбеков, опозициски кандидат на претседателските избори од партијата Ата Мекан, рече дека претседателот ветил фер избори, но не го одржал зборот. Тој побара изборната комисија во рок од 24 часа да ги поништи изборите.

Во Киргистан, земја со население од 6,5 милиони, често пати има политичка нестабилност. Во последните 15 години двајца претседатели се симнати од власта со немири, а третиот е во затвор по разијдувањето со својот наследник.