Од историјата на театрите*
Театарското дело во Прилеп
Првите приредувачи на театрални претстави во Македонија биле учителите. Од редовите на учителите – Македонци излегле и првите македонски писатели на драми односно драмски дијалози. Прв писател кој пишувал драмски творби – дијалози е познатиот наш учител и просветен работник во време на преродбата Јордан Хаџи Константинов – Џинот . Џинот напишал неколку драмски творби – дијалози и драми од кои ќе ги споменеме „ Фиал Сократов “ , драма во 3 чина и „ Дионисиј Тиран “ , драма во 1 чин. Овие две драми останале во ракопис, но каде се наоѓаат ракописите сега не се знае.
Интересно е да се одбелечи деа Џинот не само што пишувал драми и драмски дијалози, но и самиот играл во нив и бил главен режисер во времето кога бил учител во Прилеп, Т. Велес а особено во Скопје. Во Скопје театралните претстави се играле во училиштата „ Богородица “ и „ Кирил и Методиј “ .
Истотака во нашите градови со голем интерес се претставувала сентименталната и наивна драма „ Геновева “ или „ Многустрадалната Геновева “ – германска драма која дошла во превод од Запад. Оваа драма многу му се допаднала на нашиот народ поради тоа што во неа гледалците на крајот гледаат како триумфува правдата – она за што и самиот угнетен и поробен народ жадувал и копнеел.
* „ Нова Македонија “ , 25.03.1953.
Според собраните податоци од некои гледалци го знаеме следното :
Драмата „ Геновева “ била прикажана во Прилеп 1907година. Оваа претстава ја приготвиле учителите од градот и ја играле во салата на прогимназијата „ Кирил и Методиј “ . Ролјата на Голост ја играл Данаил Аџи Попов, Геновева – учителката Бочварова, мајката – учителката Димкаровата; освен нив играле уште Илија Кепев, Милан Кокароски-Димзал, Бенјамин Пипиџан, Котев Димко и др. Интересот на граѓаните за оваа претстава бил многу голем така што публиката не ја збирало во салата на Прогимназијата „ Кирил и Методиј “ , иако голем број од гледалците стоеле простум.
Драмата „ Геновева “ се прикажувала во турско време во Прилеп уште еднаш во истата 1907 год. На битолскиот валија му ја пофалиле претставата некои Турци, та тој дошол нарочно во Прилеп и наредил да се игра пред него. Валијата ги пофалил театралците.
Во 1900 год. се појавила драмата „ Крвава македонска свадба “ од Војдан Чернодримски напишана на македонски јазик. Оваа драма има битов карактер. Писателот дава слика на тешкиот живот на нашиот народ под Турците. Ги слика зулумите на разни насилници Турци, аги и бегови, над поробениот македонски народ – особено селаните. Исто така дадена е слика на корумпираниот суд кој се купува со пари. Осман-бег, голем крвник ја грабнал убавата селанка Цвета и сака да ја потурчи и земе во харемот. Во неа е вљубен и Спасе овчарот. Напорите на Осман-бег не му успеваат бидејќи Цвета е цврсто решена на отпор. Ја ослободуваат со поткуп на судот. Свадбата се завршува крваво. Осман-бег со своите слуги напаѓа, но зетот Спасе и Дуко, брат í на Цвета, организирале отпор. Во борбата гине крвникот Осман-бег, паѓат жртви и од Турците и од Македонците, така што на крајот сéсвршува трагично.
Оваа драма поради ваквата содржина не можела да се претставува во Македонија во времето на турската власт. Интересот за оваа драма кај Македонците беше многу голем. Во времето на бивша Југославија нашиот народ копнееше и жадуваше да чуе мајчин збор на сцената, толку повеќе што му беше истиот забрануван. Во тоа време „ Крвава македонска свадба “ давана е само два пати во Прилеп.
Според податоците што ги собрав од еден учесник, во оваа драма подготвувањето и претставувањето се одвивало вака. Рековме дека македонскиот народ силно го сакаше својот мајчин јазик. Во време на изборите, во политичката борба меѓу радикали и демократи, пратениците, за да придобијат што повеќе гласови, прибегнувале и кон тоа да ги задоволат народните желби позволувајќи го претставувањето на оваа македонска драма.
Пробите за претставата се вршеле кај Димкарот – фотограф. Прв пат „ Крвава македонска свадба “ е играна во месец ноември 1924год. во кафето „ Велика Србија “ подоцна киното од Напевци. На местото каде што беше ова кафе, сега се наоѓа куќата на Лазар Аџи Ристевски. Интересот за оваа претстава бил многу голем. Се сеќавам дека имаше многу публика и не ја збираше во салата. Граѓаните стоеја повеќето простум или гледаа однадвор преку прозорците, а многумина си отидоа дома.
Тоа наложило во краток период време, да се даде „ Крвава македонска свадба “ одново. Сега веќе уште посериозно се врши подготовката. Селски алишта зеле од селото Кривогаштани. Претставата се даваше во Гимназијата. Направени се измени и во некои ролји. Така на пример ролјата Цвета место Васа Модропетлеска – Ачковска ја играше Тодорка Биџова, Осман-бег го играше Ѓорги Тромпе место Киро Аџилиоски. Другите ролји ги играле следните лица : Спасе – овчарот – Круме Ачковски, Дуко – брат ñ на Цвета – Димитар Граше, мајката на Цвета – Ката Чичевска, бабата – Рампо Лајчар, дедото – Ице Зерде, оџата – Ице Сугаре, Драган – сега службеник во Градскиот народен одбор – Прилеп – се грижел за сцената, светлоста, имитирањето на лаење и сл.
Си спомнувам, дека на претставата дојде и тоа рано-рано, толку публика да беа исполнети и скалите на старата гимназија во црквениот двор. Киро Биџовски ми раскажуваше дека со големи тешкотии успеал да влезе во салата со својата сопруга Тодорка која ја играше, како што споменавме погоре, ролјата Цвета. Тодорка ми соопшти и некои подробности околу снаодливоста на некои од артистите – аматери на пример, Спасе овчарот заборавил кавалчето да си го стави в појас и без него излегол на сцена. Но во моментот кога жетварите барале од него да им посвири со кавалот, тој се снаоѓа во таа ситуација велејќи : „ Ќе ви посвирам, зошто не, но почекајте да си го земам кавалот што си го заборавив кај овците “ .
Други драми на македонски јазик што се давале во Прилеп се „ Печалбари “ од Антон Панов и „ Парите се отепувачка “ од Ристо Крле. Многу е важно да се одбележи активноста и учеството во театралното дело на напредната интелигенција односно студентите од Прилеп. Уште во почетокот на летото 19.. год. студентите од Прилеп, решивме да ја приготвиме, иако на српски, комедијата „ Ревизор “ од Н. В. Гогољ. Ролјите беа вака распределени : Хлестаков – лажниот ревизор – Бл. Ќурчиевски, Ана Андреевна – неговата жена – Таца Сугаревска, Ќерката на началникот – Адријана Бомболова, училишниот инспектор – Димче Мире, Бобчински – Круме Кепески, Допчински – Рампо Ачé, судијата – Крум Тошев, раководителот на болницата – Ѓорги Тодорчески, управникот на поштата – Дано Китаноски, Осип – слугата на Хлестаков – Љубен Куситасев, келнерот – Методи Соколовски, Держиморда – Димче Москов и др. Претставата беше подготвена и со успех прикажана во Прилеп уште истото лето во салата на бившата „ Соколана “ . Претставата беше многу посетена, така што голем дел од публиката стоеше простум. Целта за приготвувањето на оваа комедија беше : во прв ред со приходот од претставата да се помагаат бедните и болните студенти – наши другари, подигање свеста и културното ниво кај народот. Не случајно беше одбрана комедија во која се исмева корупмираниот чиновнички апарат каков што беше и во бивша Југославија. Следна точка беше создавање врски со студентите и граѓаните од другите наши градови. Заради тоа оваа комедија беше прикажана и во Охрид и во Т. Велес.
Во Прилеп се играа во време на бивша Југославија ( од 1937 – 1941 ) уште следниве драми : „ Светската војна “ од Нушиќ, комедијата „ Големанов “ од Костов ( приготвена а не играна ) , „ Слугата Јернеј и неговото право “ ( ролјата на Јернеј ја играше Борко Лазески ) , „ Покојник “ од Нушиќ ( во која играше и Илија Милчин ) , „ Вода од планина “ и др.
Круме Кепески