„Неопходни се длабински медиумски реформи за создавање отпорност кон лажните вести и дезинформациите.“
Македонија е во многу важна фаза од процесот на приклучување кон ЕУ, но започнатиот процес треба да забрза. Важни се оние длабински реформи не само поради условеноста, туку и за да се изгради општество кое е отпорно, конкурентно, кое одговара на потребите на граѓаните и ги штити нивните фундаментални права, вклучително и во насока на слобода на изразување и слобода до пристап на информации.
Ова денеска го порача евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, на настанот за јавно претставување на ЕУ проектот „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди”.
Медиумите, додаде Гир, имаат важна улога да и дадат на јавноста точни, фактички информации за важните прашања како и за процесот на приклучување кон ЕУ.
– Ова е многу важно особено во контекст на масовните извори на лажни вести. Властите мора заедно со медиумите и граѓанскиот сектор, да промовираат медиумска писменост, способност на граѓаните да ги сфаќаат информациите, со што се гради отпорност кон лажните вести и дезинформациите, рече евроамбасадорот, потенцирајќи дека работата на медиумите мора да се зачува и зајакне.
Тој упати апел до сите политичари и креатори на политиките да ја почитуваат улогата на медиумите за да се сигурни дека можат да функционираат без никакви притисоци.
– Доколку до 31 мај целта за усогласување на националното законодавство со директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ не се постигне, тогаш Северна Македонија ќе изгуби пристап до програмата и ќе ја изгуби можноста за користење на Креативна Европа, нагласи Гир.
Појаснувајќи го проектот, Гир рече дека овој проект ја демонстрира цврстата посветеност на ЕУ за слободата на изразување и слободата на медиумите особено како фундаментална вредност во земјите-членки на ЕУ и идните земји членки и на глобално ниво. Проектот на ЕУ, како што додаде, ќе опфаќа и подготовка за анализа на пазарот и препораки за правни решенија и политики кои ќе бидат во насока на подобрување на плурализмот, одржливоста, ќе се издадат препораки за разни регулаторни механизми кои ќе одговорат на предизвиците со кои се соочуваат традиционалните и онлајн медиумите.
Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити потенцира дека медиумските реформи се неопходни, а во таа насока е и проектот на МИОА во координација со Делегацијата на ЕУ за усогласување на националното законодавство за медиуми со легислативата на ЕУ и медиумските стандарди.
– Станува збор за сеопфатен проект кој треба да го испорача еден од главните резултати – целосно усогласување на законот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со директивата на ЕУ за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2018. Реформите треба да бидат во континуитет, да не запираат, да не завршат само со еден или два проекти, со обична измена на еден закон или со усогласување со една директива. Реформите се жив процес кој расте и постојано се надградува, рече Алити.
Според него, нам како општество ни треба и моќен јавен радиодифузен сервис кој ќе ја извршува својата основна улога да информира и едуцира и кој ќе биде ослободен од влијанијата на политичките центри на моќ. Исто така, се надоврза тој, ни треба и силен и независен регулатор кој проактивно ќе ја следи состојбата во медиумите.
– Очекувам за сите овие предизвици да се предлагаат решенија и идеи од сите засегнати страни во периодот кој следи, заклучи Алити.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска нагласи дека слободата на изразување е една од најголемите вредности на модерното, демократско општество и клучен елемент на евроинтеграцијата на државата. Проектот, според неа, е директна помош и поддршка од ЕУ за побрзо усогласување на македонското законодавство со директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ – зајакнување на институционалниот капацитет, како и обезбедување независност на националното регулаторно тело за медиуми.