Непозната болест во ноември усмрти 143 лица во југозападниот дел на Демократска Република Конго, пишува новинската агенција Ројтерс.
Инфицираните имале силна треска, тешки главоболки и други симптоми поврзани со грип, изјавија во понеделникот заменик-гувернерот на провинцијата Кванго, Реми Саки и министерот за здравство на провинцијата Кванго, Аполинер Јумба.
На местото на настанот е испратена група лекари за да утврдат за каква болест станува збор. Таму, како што пишува Ројтерс, ќе собираат примероци и ќе прават анализи.
Локалниот лидер Сефориен Манзанза изјави за Ројтерс дека ситуацијата е крајно загрижувачка и дека бројот на заразени се зголемува. Тој додаде дека не може толку лесно да се доставуваат лекови до заразеното место.
Реми Саки и Аполинер Јумба рекоа дека болните умираат во своите домови бидејќи немаат пристап до здравствена заштита.
Локалниот епидемиолог рече дека оваа болест најмногу ги погодува жените и децата.
Светската здравствена организација (СЗО) е свесна за проблемите во ДР Конго од минатата недела. Министерството за здравство на ДР Конго и СЗО соработуваат на истрагата за инфекцијата.