Компанијата Хасбро ја повлече својата кукла играчка со женски лик од цртаниот филм „Тролови“ од пазарот, поради несоодветен и непристоен дизајн.

Тоа е резултат од интернет-петицијата против играчката, кои ја поддржаа и некои политичари.

„Дали Хасбро сака да ги претстави допирањето и злоупотребата на деца како нешто нормално?“, напиша американскиот сенатор Сем Паркер на Твитер.

Јесика Мекманис, иницијаторка на петицијата, вели дека играчкава „никако не помага во борбата против педофилијата и секс-трговијата со деца“. Таа објаснува дека куклата е неодолива и кога ќе се притисне кај градите, таа пее и се кикоти… Тоа го има во упатството и, според жената, во тоа нема ништо страшно.

Но, она што не е наведено, е дека куклата меѓу нозете, кај интимата, има уште едно копче коешто активира кусо, отсечно смеење и воздишки. Тоа укажува на сексуален контекст и, според Мекманис, е доста вознемирувачки.