Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го повика Кнесетот на вечерашната седница да го усвои таканаречениот закон за Ал Џезира, со кој неговата влада ќе добие овластување да затвора странски медиуми.
Во соопштението на партијата Ликуд на Нетанјаху, се наведува дека премиерот разговарал со шефот на партиската пратеничка група Офир Кац и побарал од него да обезбеди усвојување на овој закон во парламентот, пишува The Times of Israel.
Нетанјаху му ветил дека по усвојувањето на законот „веднаш ќе реагира и ќе нареди затворање на Ал Џезира“.
Доколку биде усвоен, овој предлог-закон ќе им даде на израелскиот премиер и министерот за комуникации овластување да наредат затворање на странските медиумски мрежи кои работат во Израел и конфискација на нивната опрема доколку се утврди дека претставуваат „опасност за националната безбедност“.
Предлог-законот во февруари годинава го помина првото читање на пленарната седница на Кнесетот, а по продолжена расправа во собраниската Комисија за национална безбедност беше одобрен за второ и трето читање.
Нетанјаху моментално е во болница, откако синоќа беше опериран од кила.