Нетанјаху го одби предлогот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах

/ 26.09.2024

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли предлогот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах, наведувајќи дека „вестите за прекин на огнот не се точни“.

„Ова е американско-француски предлог на кој премиерот не ни реагираше“, се вели во соопштението.

Нетанјаху, како што посочуваат, им наредил на израелските одбранбени сили (ИДФ) да продолжат со борбите со полн капацитет.

Се посочува дека не е точна и информацијата објавена од израелскиот Канал 12 дека Нетанјаху ѝ наредил на израелската армија умерени напади во Либан, наведувајќи дека премиерот ја овластил армијата да продолжи со интензивните напади врз цели на Хезболах.

Во соопштението се наведува и дека борбите во Појасот Газа ќе продолжат сѐ додека не се постигнат сите воени цели на Израел, објави „Тајмс оф Израел“.

Израелските политичари и жителите на северен Израел го осудија американско-францускиот предлог за прекин на огнот меѓу Израел и милитантната група Хезболах, кој требало да започне денеска околу пладне, објавија израелските медиуми.

Како што беше претходно објавено, САД, ЕУ, Франција, Германија, заедно со неколку други сојузници и три арапски земји ги повикаа владите на Израел и Либан на итен прекин на огнот од 21 ден преку израелско-либанската граница, истовремено изразувајќи поддршка за прекин на огнот во Појасот Газа, се вели во заедничката изјава на овие земји објавена од Белата куќа.


Од истата категорија