Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска предупреди дека неговата земја ќе ги засили нападите врз исламистичките владетели од Хамас во Газа откако две израелски жени беа убиени со ракети истрелани од енклавата.
„Армијата од вчера изврши стотици напади врз Хамас и Исламски џихад во Газа … и ние дополнително ќе ја зголемиме силата на нашите напади“, рече Нетанјаху во видео-обраќање објавено од неговиот кабинет, додавајќи дека Хамас „ќе биде погоден на начини што не ги очекува“.
Израелскиот лидер се обрати откако две израелски жени беа убиени во јужниот град Ашкелон со ракети истрелани од Појасот Газа.
„Жалиме за смртта на двете израелски жени и ве замолувам да ги следите безбедносните упатства“, додаде Нетанјаху, обраќајќи им се на Израелците на крајот на безбедносниот состанок во јужен Израел.
Хамас соопшти дека денеска истрелале 137 ракети за пет минути во Ашкелон и близу Ашдод со истовремени удари со цел попречување на израелската воздушна одбрана.
Израелската армија ги засили воздушните напади врз позициите на Хамас и Исламски џихад во Газа, каде здравствените власти соопштија дека 26 лица се убиени при размена на оган од понеделникот, меѓу кои девет деца.
„Елиминиравме команданти, погодивме многу важни цели и решивме да напаѓаме посилно и да го зголемиме темпото на напади“, рече Нетанјаху.