НЕТАНЈАХУ: Пред Израел се неизвесни денови, подготвени сме за секакво сценарио

/ 31.07.2024

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва изјави дека Израел е „подготвен за секое сценарио“ и ја поздравува одлуката да не се стави крај на војната.

„Од нападот во Бејрут се слушаат закани од сите страни. Ќе застанеме обединети и решителни против секоја закана. Пред нас се предизвикувачки денови“, рече Нетанјаху во телевизиско обраќање од штабот на израелската армија во Тел Авив. пренесува Тајмс оф Израел.

Тој рече дека Израел веќе некое време е под притисок од други земји да ја прекине војната.

„Не им попуштав тогаш на тие гласови, не попуштам ниту сега“, нагласи тој.

Според него, доколку подлегнеше на притисокот, Израел немаше да ги убие водачите и борците на Хамас, да ја уништи инфраструктурата или да го окупира пограничното подрачје на Газа и Египет.

„Сите достигнувања во последните месеци беа постигнати затоа што не попуштивме. Заедно ќе се бориме и со Божја помош заедно ќе победиме“, рече тој.

Тој посочи дека Израел им зададе „големи удари“ на Хутите, Хамас и Хезболах во последните денови, посочувајќи го нападот врз воениот лидер на Хамас Мухамед Деиф во Газа пред неколку недели, неодамнешниот напад на пристаништето Ходеида во Јемен и синоќешниот напад на Фуад Шукр, кој го нарекува „воениот командант на Хезболах“.

Премиерот не го спомна убиството на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханије утрово, додава Тајмс оф Израел.

Нетанјаху истакна дека Шукр е директно одговорен за убиството на 12 деца во градот Мајдал Шамс.

Тој, исто така, рече дека Шукр бил вклучен во нападот врз американските маринци во Либан во 1983 година и во одржувањето на врските меѓу Иран и Хезболах.


Од истата категорија