Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел „активирал“ некои палестински кланови во Газа во борбата против екстремистичкото движење Хамас. Тоа е прво јавно признание дека Израел поддржува вооружени палестински групи во Газа, организирани околу влијателни семејства, кои имаат одреден степен на контрола врз делови од енклавата и во минатото често имале судири со Хамас.
Изјавата дојде неколку часа откако политички опонент го критикуваше Нетанјаху за тоа што вооружува неофицијални палестински групи во Газа.
Во видеопорака објавена на неговиот профил на Икс, Нетанјаху рече дека Владата ја донела оваа одлука по совет од „безбедносни службеници“ со цел да се спасат животи на израелски војници.
Еден израелски службеник изјавил дека една од групите на кои алудирал премиерот се т.н. „Народни сили“, предводени од Јасер Абу Шабаб – локален лидер на клан во Рафа.
Во изминатите недели, групата на Абу Шабаб објави на интернет дека нејзините борци помагаат при обезбедување на дистрибутивни центри во Рафа, управувани од Хуманитарната фондација на Газа, а поддржани од Израел.
Сепак, кланот Абу Шабаб се дистанцираше од Јасер, осудувајќи ја неговата соработка со израелските воени сили во неодамнешно соопштение. Во него се вели дека тој, како и секој што ѝ се приклучил на неговата група, „веќе не е поврзан со семејството“.
Во меѓувреме, лидерот на Хамас, Халил ал Хаја, во претходно снимена изјава, изјави дека групата не го отфрлила последниот предлог на специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф, за прекин на огнот, туку побарала некои измени и подобрувања за да се обезбеди крај на војната во Газа. Тој додаде дека Хамас е подготвен да учествува во нов круг преговори и дека комуникацијата со посредниците продолжува.