Израел нема да го продолжи процесот на запирање на војната во Газа додека не добие список од триесет и тројцата заложници кои Хамас треба да ги ослободи во првата фаза од договорот, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Нема да продолжиме со договорот додека не добиеме список на заложниците кои ќе бидат ослободени, како што е договорено. Израел нема да толерира никакво прекршување на договорот. Одговорноста е на Хамас“, рече Нетанјаху.

Израелската влада го одобри договорот со палестинската милитантна група Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Појасот Газа, објави кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, еден ден пред да стапи на сила договорот.

Во раните утрински часови, по седницата која траеше повеќе од шест часа, владата го ратификуваше договорот што може да го отвори патот за крај на 15-месечната војна во палестинската енклава под контрола на Хамас.

Египет, еден од посредниците за постигнување прекин на огнот, денеска објави дека Израел во првата фаза ќе ослободи 1.890 палестински затвореници во замена за 33 израелски заложници кои ги држеше Хамас.

Шестнеделниот прекин на огнот треба да стапи во сила утре, кога ќе се одржи првата од серијата размени.