Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се очекува да прогласи нови, многу построги ограничувања на движењето, спречувајќи ги на тој начин сите патувања меѓу градовите од вечерва до петок наутро, за време на славењето на еврејскиот празник Пасха.
Ограничувањата, што надлежните министри ги одобрија во текот на изминатата ноќ, исто така, ќе го ограничат и движењето во самите градови, а ќе се остави само пристап до продавниците во непосредна близина на местото на живеење. Овие мерки се воведуваат како претпазливост во пресрет на празникот Пасха, од кој се стравува дека може да доведе до влошување на состојбата со заразата.
Влаадината одлука доаѓа на одгласите за нараснатата смртност во земјата, што денеска доведе до 56-та жртва. Во земјата веќе има 8.611 потврдени случаи на вирус, а од нив 141 пациент се во исклучително тешка состојба.
Вкупно 107 пациенти во моментов имаат потреба од респиратор, што е зголемување за помалку од еден отсто во текот на последните 24 часа. Од болеста досега успеале да се излекуваат вкупно 585 лица.