Компанијата Нетфликс соопшти дека од интернет платформата за гледање во Саудиска Арабија, е повлечена епизода од шоуто „Патриотски закон со Хасан Минхај“, откако саудиските власти се пожалиле на содржината на програмата.
Во спорната епизода на сатиричната програма е критикувана Саудиска Арабија за убиството на новинарот на „Вашингтон пост“ Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул.
Портпаролот на Нетфликс соопшти дека тие силно ги поддржуваат уметничките слободи секаде во светот и оти оваа епизода ќе ја отстранат само во Саудиска Арабија откако примиле приговор од страна на саудиските власти дека не е во согласност со законот на земјата кој се однесува на борбата против кибер криминалот.
Тој додаде и дека отстранувањето на спорната епизода не значи и дека компанијата се согласува со одредбите на законот на кој се повикуваат саудиските власти.
Портпаролот на компанијата Нетфликс нагласи дека епизодата не е отстранета од Јутјуб затоа што барањето на саудиските власти не се однесувало на тој канал.