За денеска најавениот протест пред зградата на Општина Тетово од кој требаше да се побара уривање на крстот на Попова Шапка помина со мал број граѓани. Тоа беше повод лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов да им се заблагодари на граѓаните Албанци и да ги повика сите граѓани на Македонија во изборните битки да не наседнуваат на меѓуверски провокации. Тој го повика градоначалникот да го повлече решението за уривање на верскиот објект.
„На, за денес најавениот протест во Тетово против крстот на Попова Шапка, не се појавил безмалку никој. Благодарност до нашите сограѓани Албанци кои не дадоа поддршка на рушењето на крстот и со тоа покажаа почит кон нашите верски чувства.
Најдобро за државата, најдобро за Македонија, најдобро за Македонците, Албанците и сите останати граѓани би било кога во претстојната политичка битка не би се злоупотребувале верските чувства и меѓуетничките односи. Го повикувам градоначалникот на општина Тетово да го поништи провокативното и незаконско решение за отстранување на крстот“, порача Ангелов.
Во меѓувреме, Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ-ОА поднесе жалба до второстепен орган на решението на општинскиот градежен инспектор за уривање на крстот поставен во дворот на манастирот Свети Наум Охридски на Попова Шапка.
Претходно, секретарот на Општината Дарко Коцевски во изјава за медиумите рече дека тој не потпишал, ниту пак има ингеренции да потпишува такво нешто.
„Таква ингеренција нема ниту градоначалникот Касами, а камоли јас. Нека го отворат Законот за инспекциски надзор“, изјави Коцевски реагирајќи на некои информации дека крстот ќе се урива со негов потпис.
Инаку, во јавноста имаше објави преку социјалните мрежи на Албанци интелектуалци преку кои се повикуваше да не се урива крстот за да не се создаваат меѓунационални и меѓуверски тензии во функција на политичките партии пред изборите.