Официјалниот претставник во изборниот процес во округот Кларк, во американската сојузна држава Невада, Џо Глорија, на прес-конференција во Лас Вегас изјави дека изборните органи денеска се подготвуваат да пребројат „малку повеќе од 51.000 гласачки ливчиња“, што ќе бидат објавени утре наутро.
-Очекуваме најголем дел од нашите гласачки ливчиња што се примени во системот да бидат готови до сабота или недела, додаде Глорија.
„Најголемиот дел од нашите гласачки ливчиња се надеваме дека ќе бидат подготвени до сабота или недела, значи до овој викенд. И повторно кажувам дека нема да завршиме до 12 ноември со сите оние гласачки ливчиња што беа искористени како исклучок“, додаде тој.
Округот Кларк е голем центар во Невада, во кој се наоѓа Лас Вегас.
Глорија додаде дека округот по пошта добил вкупно 63.262 гласачки ливчиња што треба да се пребројат и обработат. Овој број вклучува гласачки ливчиња што биле искористени во центрите за гласање, гласачки ливчиња што биле испратени преку поштенската служба на САД и гласачките ливчиња што биле употребени пред денот на изборите.
Глорија додаде дека американската пошта до 10 ноември ќе продолжи да ги доставува гласачките ливчиња што се со поштенски датум од денот на гласањето, 3 ноември.