Стапката на тешка форма на Ковид-19 во Израел, и покрај ширењето на позаразната делта варијанта на коронавирусот, е шест пати поголема кај постарите луѓе кои не се вакцинирани отколку кај вакцинираните на иста возраст, пренесуваат израелските медиуми.

Според податоците на Министерството за здравство, меѓу вакцинираните Израелци на возраст од 60 години и постари, 16,6 лица на 100.000 се во тешка состојба, додека 98,5 тешки случаи се меѓу невакцинираните.

Во моментов Израел се соочува со уште едно нагло ширење на инфекцијата, а лекарите предупредуваат дека е достигната „критична точка“, пренесува Бета.

Како и во другите земји каде што е регистрирана делта варијантата и воо Израел забележан е пад на ефикасноста на вакцината. Министерството за здравство на почетокот на јули објави дека ефикасноста на вакцината во спречувањето на инфекцијата е 64 отсто, додека претходно била околу 90 отсто.

Меѓутоа, клучниот параметар е сериозната форма на болеста, а експертите велат дека постои причина за оптимизам, бидејќи статистиките покажуваат дека и покрај високата стапка на зараза на делта варијантата, вакцината сепак спречува тешки заболувања, вели професорот Надав Кац, статистичар за коронавирус на Хебрејскиот универзитет.

Кај луѓето под 60-годишна возраст кои не се вакцинирани на секои 100.000, просечно 1,6 се во сериозна состојба, а 0,5 кај оние кои се целосно вакцинирани.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет остро ги критикуваше оние што одбиваат имунизација, а министрите, наводно, размислуваат за финансиски поттик заради помасовна вакцинација.

Вакцините најмногу се одбиваат од младите луѓе, особено оние во нивните 30-ти години.

Во Израел, 5,4 милиони од вкупно 9,3 милиони луѓе ја примиле втората доза, а околу 577.000 граѓани постари од 60 години се вакцинирани и со трета доза.