Медлин Бартон се омажи за своето момче Патрик во гламурозната сала на хотелот „Савој“ во близина на Лондон.
Само за изнајмување на салата потрошиле околу 50.000 фунти. Сепак, она што најмногу го привлече вниманието на луѓето е тортата.
Тортата во облик на огромен замок ја дизајнира уметницата Сем Вудраф, а за да ја направи оваа спектакуларна торта, ѝ беа потребни околу два месеца.
За да го направи она што се очекува од неа – огромна торта што личи на замок, Сем користеше шест кружни колачи од 20 сантиметри, кои беа во основата на структурата, а остатокот од дизајнот го направи од полистирен. Сините куполи на тортата беа направени со помош на 3Д-печатач, а потоа наредени на врвот на структурата. И секој прозорец беше опремен со ЛЕД- светла за тортата да блеска.
Медлин рече дека останала без зборови кога тортата била откриена на нејзиниот голем ден. Воодушевена од тортата, венчаницата и целата свадба, таа изјави дека венчавката ѝ била совршена.
„Целиот ден ми помина совршено. Беше голема свадба со над 200 гости. А тортата беше апсолутно прекрасна. Плативме 13.000 фунти за неа, но вредеше. Врвот беше нешто неверојатно“, рекла невестата, која признала дека заедно со уметницата ја дизајнирала тортата од соништата, со што се занимава од својата 13-та година.
„Плачев кога го видов готовиот производ. Бев навистина емотивна бидејќи целиот процес на градење траеше толку долго. Никогаш порано не ја видов целосно изградена бидејќи тортата беше толку висока и не можев да ја завршам во куќата, па беше неверојатно да се види целосно осветлена со сите детали на денот на свадбата. Медлин е романтичарка и сака сè што е ренесансно и носталгично и сака богати бои“, изјави дизајнерката на торти, Сем Вудраф.