Невообичаен настан се случил во Велешко пред десеттина дена, кога маж на возраст од 47 години бил нападнат и каснат од видра, која е реткост во Македонија и се смета дека има вкупно околу 350 до 400 единки.
Велешанецот, како што објави Фокус, одгледувал крапови кај Капиновски вирови, заминал да улови крап во вечерните часови, и ја забележал видрата која скокнала и му откинала парче месо од раката. Веднаш побарал лекарска помош во велешката болница, каде му била извршена хируршка интервенција.
За регионалните медиуми, веста ја потврдиле од ПР службата на ЈЗУ Општа болница Велес.
Велешани за случката велат дека не памтат некогаш да се случило човек да биде каснат од видра во нивната околина. Станува збор за животно кое е многу ретко во Македонија.
Таа живее околу природни и вештачки водни живеалишта, а се храни со риба, полжави, инсекти и змии. Напаѓаат само кога се чувствуваат загрозено и имаат остри заби и канџи.
Ветеринаи со кои разговарале од Фокус, велат дека во земји каде видрата е распространета, се случувало да нападне и да касне човек. Кај нас, а и пошироко на Балканот, бидејќи се работи за исклучително редок вид, ова можеби бил единствениот случај.
– Во Северна Америка на пример, каде има голем број на видри покрај водните површини, во последната декада биле забележани само шест случаи кога видра нападнала човек. На светско ниво, од 1875 година до сега, забележани, односно официјално се регистрирани само 44 напади на видра врз човек!
Видрите се територијални животни, ги има најмногу во Јужна Америка, во Амазонија. Тие се многу поголеми од останатите во светот, борбени се и ја бранат својата територија и живеалиштето во кое имаат млади, дури и против многу посилни противници како што се крокодилите (кајманите) и јагуарите.