Во манастирот Свети Наум Охридски-Чудотворец во Радишани денеска беше служена литургијата за упокојување на Отец Методиј, архимандрит од Валаамскиот манастир на Руската православна црква, кој на 22 јули почина од Ковид-19, со која чиноначалствуваше владиката Иларион.

За време на литургијата, во еден момент просторот беше осветлен со невообичаена светлина, за што сведочи и фотографијата направена од една од присутните.

Кога ќе се погледнат двете фотографии, се забележува дека се направени од речиси ист агол, една по друга, без никакви ефекти, а светлината е различни.

– Направив неколку фотографии за време на литургијата. Сакав да го доловам моментот кога владиката стоеше зад фотографијата на о. Методиј. Подоцна, кога ги прегледав фотографиите, на едната забележав невообичаена светлина. Се мислев дали да ја дадам фотографијата во медиум и по разговор со еден отец, се одлучив да ја објавам. Неговиот совет беше, тоа што си го доживеала лично, можеш да го пренесеш, а дали некој ќе верува или не верува, тоа да не те загрижува. Така и сторив. Можеби да видов некаде таква фотографија, ќе мислев дека се работи за некакви ефекти, но мене лично ми се случи и се одлучив да споделам со другите – вели авторката на фотографијата која сака да остане анонимна.

Инаку, о. Методиј, поголем дел од животот во Македонија го поминал во Радишани и многу придонел за манастирот Свети Наум Охридски-Чудотворец да биде еден од најубавите храмови во државата. Во внатрешноста на манастирската црква, почиваат и двајца поранешни поглавари на МПЦ, г.г. Гаврил и г.г. Михаил.