Реонот на Oпштина Ранковце попладнево го зафати невреме од дожд и силен ветер што предизвика штета и прекини во напојувањето со електрична енергија.
Градоначалникот на Општина Ранковце, Ивица Тошевски, информира дека најпогодени од невремето се селата Гиновци, Петралица и делови од Одрено.
– Силниот ветер и пороен дожд што го зафатија реонот на нашата општина околу седумнаесет часот, во период од неполн час направија поголема материјална штета во Гиновци, Петралица и делови од Одрено. Паднати дрвја на и покрај патот, однесени ќерамиди и дел од кровни конструкции, искинати кабли за интернет и телефонски кабли, како и кабли за струја се само дел од штетите што настанаа. Како локална самоуправа презедовме интервентни активности, во координација со Територијалната противпожарна единица од Ранковце, како и со поддршка од приватниот субјект што гради водоснабдителен систем во нашата општина, беа отстранети паднатите дрвја, се работеше на расчистување на повеќе локации,за да се излезе во пресрет на потребите на локалните жители, изјави Тошевски.
Тој рече дека наместа се уште има паднати бандери со телефонски приклучоци, а во одреден временски период во делови од општината во прекин било и снабдувањето со електрична енергија.
Наместа биле забележани покосени стебла пченка, а штетите кои се настанати на земјоделските култури допрва ќе се утврдуваат.
И Кичево и околината во доцните попладневни часови ги зафати силно невреме проследено со пороен дожд , ветер и силни електрични празнења.
За час по улиците се создадоа вистински реки а сообраќајот се одвиваше отежнато поради повисокиот воден талог на улиците, поготово во делови каде што се затнати сливниците или воопшто нема атмосверска канализација.
Сопствениците на градинарски култури се задоволни што по подолг период ќе нема потреба да ги наводнуваат овие површини.
Се очекува денешниот дожд да ја рационализира и прекумерната потрошувачка на вода во градот и околината.
-Овој дожд ќе помогне да се намали и потрошувачката на вода за непродуктивни цели и полевање на зеленилото и бавчите по дворовите, што ќе придонесе притисокот на водата во водоводната мрежа да биде на потребното ниво и за жителите од повисоките населби и повисоките згради, што поради сушата во изминатиот месец и екстремно високите температури, имаше енормна потрошувачка на вода од 300 литри во секунда, потсетуваат од комуналното претпријатие.