Невремето во северна Европа продолжи и денеска во Велика Британија, северна Германија и јужна Скандинавија со силен ветер и обилни врнежи од дожд, кои предизвикаа поплави, евакуација на жителите, прекин на електричната енергија, прекини на сообраќајот.
Од четвртокот четири лица ги загубија животите во невремето „Бабет“ како што го нарече британската метеоролошка служба.
Последната жртва е 33-годишна жена врз чиј автомобил во петокот паднало дрво на островот Фехман во Балтичкото Море, јави германската новинска агенција ДПА. Останатите три жртви за време на невремето беа во Англија и Шкотска во четвртокот и петокот.
Во Фленсбург, германски град јужно од границата со Данска, нивото на водата се зголеми за повеќе од два метра, што е највисоко во последните сто години. Струјата во поплавените делови од градот е исклучена од безбедносни причини.
Фериботите и возовите не сообраќаат во погодените области во Германија, Данска и јужна Шведска. Аеродромот во Копенхаген денеска работи, а вчера беа откажани 142 лета.
Луѓето се евакуирани од домовите и камповите во тешко погодените области во Данска и многумина се без струја. Општина Хадерслев во јужна Данска одлучи да го евакуира целото крајбрежно подрачје.
„Ситуацијата на брегот сега е толку сериозна што е премногу опасно да се остане таму. Погодените подрачја се евакуирани, а итните служби работат“, соопшти синоќа општинската администрација.
Данскиот метеоролошки институт предупреди на силен ветер и висок водостој за време на викендот.
Во Шкотска, за денеска се прогнозираат до 100 милиметри дожд, а неколку градови се под црвено метеоролошко предупредување, највисоко ниво на загрозеност.
Џонатан Вотри од Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство изјави дека во источна и северна Шкотска веќе паднало колку што паѓа за месец и половина и дека за само три дена може да заврне колку за два месеца.
Шкотската агенција за животна средина предупреди дека уште една голема река, Дон, може да се излее денеска.
Невремето предизвика прекини на сообрачајот низ Велика Британија, затворени се неколку главни патишта и железници, како и аеродромот Лидс-Бредфорд во северна Англија.