Македонија утре попладне ќе биде зафатена од невреме кое сепак нема да биде налик на тоа што вчера и денеска ги зафати Словенија и Хрватска, каде што спасувачите бијат битка со надојдените води за да ги спасат заглавените лица.
Како што информираат синоптичарите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нестабилното време со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со интензивен дожд, ветер и електрични празнења, треба да пристигне во земјава од Јадранското море преку Албанија.
Ленче Ризова од УХМР вели дека интензитетот на невремето во Македонија ќе биде послаб од тој во Словенија, но сепак апелира до граѓаните да бидат внимателни.
– Овој фронтален систем постепено се поместува и утре од пладне го очекуваме во нашата земја. Веќе од попладнето, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има нестабилност на повеќе места. Таа ќе биде проследена со поинтензивни процеси во форма на невреме со поинтензивен дожд и за шест часа некаде ќе наврнат и над 20 литри на метар квадратен. Ќе има и силен ветер, електрични празнења – вели Ризова за Канал 5.
Од недела следува период на посвежо време со умерен, повремено засилен ветер од западен и северозападен правец.