Близу 1.000 земјоделски семејства од Прилепско на преку 600 хектари претрпеа огромни штети од вчерашното невреме што ги зафати атарите на прилепските села Мало и Големо Коњари, месноста Орде Чопела и населбата Варош.
Родот 100 отсто е уништен. Главно се површини со тутун, а и со пиперки и житни култури, констатираа од општинската комисија за процена на штетите, кои денеска на терен се сретнаа со оштетените земјоделци од Мало и Големо Коњари на површините со уништениот род.
Пријавувањето на штетите ќе биде до 3 август.
Земјоделеците се вознемирени и се обидуваат да најдат начин како да егзистираат со толку големи загуби.
– Имав десет декари со тутун и осум декари со пиперки. Се е уништено целосно. Моето семејство има шест члена, имаме три деца и се чудам како ќе ги подготвам за новата учебна година. Штетите се преку 15.000 евра, вели вознемирено земјоделецот Сашо Трајкоски од Мало Коњари.
Тој признава дека родот не му е осигурен зашто површините му се под наем, а со сопствениците нема договор.
Земјоделецот Дејан Чавески вели дека досега го осигурувал родот со пиперки, но е незадоволен од осигурителните компании.
– Иако имаме покривање на осигурувањето од државата со 60 насто, компаниите за дел површини, особено со тутун не сакаат да осигуруваат. Она што е осигурано малку се плаќа и многу доцна, вели Чавески.
За земјоделците голем проблем е што веќе две децении не функционираат противградобијните системи. Според Зоран Пачешкоски од стручната комисија за процена на штети на тој проблем се работи.
– Се испитуваат можностите, според искуствата на Израел и Полска, да се стават во функција градобијните системи. Се работи на решавањето на проблемот, нагласува Паческоски.