Откупната цена на доматите на Пазарот на големо денеска падна на пет денари за килограм, реагираат претставници на земјоделски здруженија од Струмичкиот регион. Велат дека една гајба од десет килограми се откупува од 50 до 60 денари, што за нив е неисплатливо.
– Во пластениците се уште има домати, а нема интерес за нив. Откупната цена на квалитетните домати е 15 денари за килограм, а обвинувањата дека оваа градинарска култура се откупува за пет денари за килограм се однесуваат на неквалитетното производство, на кое местото не му е на пазарот, туку во преработувачките капацитети, вели Коце Божиков, земјоделец од село Дабиле.
Според него, откупната цена од 15 денари е ниска. Тој додава дека и покрај тоа што површините засеани со домати се намалени, сепак цената постојано паѓа.
– Површините под домати се намалени за 40 проценти во споредба со минатите години и наместо да имаме повисока цена, се случува обратното. Како што оди работата може да се случи раните домати да престанат да се одгледуваат. Освен тоа, имаме забелешки од трговците дека има многу мешани сорти во нашето производство што не одговара на пазарите каде се извезува, појаснува Божиков.
Тој смета дека е потребно отворање на дистрибутивен центар и откупеното производство да се сортира, а не се да се пакува на едно место.
Со тоа, како што вели Божиков, ќе се оддели квалитетното од неквалитетното производство, односно ќе се знае кои домати се за пазар, а кои за преработувачките капацитети.
И откупувачите потврдуваат дека квалитетните домати се откупуваат за 15 денари за килограм, но се жалат на квалитетот.
– Квалитетните домати се откупуваат за 15 денари за килограм. На Пазарот на големо се нуди тоа што не се откупува на откупните пунктови. Секако, ова цена е ниска за земјоделците, но таков е во моментот, односот меѓу понудата и побарувачката, вели отукупувачот Благој Витанов.
Дел од земјоделците велат дека треба надлежните да размислуваат за интервенција во откупот на доматите, па дури и за одредена стимулација за трговците и преработувачите за да го откупат годинашниов турнус на производство на домати.