Квалитетот на јавната администрација најмногу се гледа преку директниот контакт со граѓаните, односно услугите што таа им ги нуди на граѓаните.
За жал, тоа во последно време не може да се види пред шалтерите за вадење изводи, умреници… Таму се почесто може да се забележи метеж и изреволтирани граѓани кои реагираат поради згрешени лични документи и нељубезноста од службениците, иако тие треба да им овозможат брза и ефикасна услуга на странките.
Од Управата за водење на матичните книги велат дека причина за грешките е човечки фактор, а за да се надмине тој проблем постојано се работи со административните службеници за зајакнување на нивните капацитети.
Често пати во нивните простории има непријатни случаи токму заради нивните технички и човечки грешки, но има и скандалозно однесување на вработените по подрачните единици на Управата. Проблемите ги препишуваат на немањето луѓе, опрема, време, неадекватен систем, а не на односот кон странките.
– Најблаго речено бев фрапиран, вџашен од односот на лицето кое требаше да ми издаде документ. Тоа беше се само не државен службеник, кој треба да ви издаде личен документ. По однесувањето и вокабуларот што го користеше повеќе наликуваше на насилник. Згрозен сум и денеска од зборовите што ги искажа пред повеќе луѓе во просторијата, иако од настанот помина повеќе од еден месец, ни изјави еден незадоволен корисник на услугите на Управата, кој на крајот ни наведе дека за скандалот веќе вложил и поплака кај надлежните.
– Во УВМК вработени се 450 административни службеници. Континуирано се работи на зајакнување на капацитетите на вработените, и нивно запознавање со етичкиот кодекс на административни службеници се со цел подобар пристап кон граѓаните на Република Македонија, велат од Управата..
Оттаму посочуваат дека постојат грешки што се од техничка природа – човечки фактор, меѓутоа, како што додаваат, граѓаните треба да разберат дека има грешки заради начинот на водење на евиденцијата во матичните книги и евиденцијата во базата матичен број на Министерството за внатрешни работи.
– Голем дел од податоците што се водат во матичните книги при внесувањето матичен број во базата се случува да бидат поинаку внесени. На пример, се издава извод од МКР за лице од машки пол, но при определување на матичниот број направена е пермутација и определен е женски матичен број, или ова лице во МВР се води со машки матичен број, но при внесување на матичниот број во матичната книга направена е грешка и пишан е женски матичен број. Со оглед на фактот дека од постоење на Управата за водење на матичните книги изводите се издаваат исклучиво со претходно извршена проверка во матичната книга, граѓаните сега се соочуваат со овој проблем и службите во случај кога ќе откријат вакво несогласување на податоците веднаш пристапуваат кон службена исправка за изедначување на податоците во нивните евиденции, велат од УВМК.
Сепак, како што истакнуваат од Управата, предвидениот рок од три дена целосно се запазува и граѓаните можат да ги подигнат бараните документи на третиот ден. Изводите, што, пак, се поднесени по електронски пат се готови истиот ден кога е поднесено електронското барање.
Веќе подолго време Управата за водење матични книги работи и на внесување податоци од матичните книги во електронски систем и досега се внесени 25 отсто од вкупниот број записи.
Матичната евиденција е витална евиденција за државата Република Македонија. Постојат 8.000.000 записи во хартиена форма од 1900 година до сега. Од нив досега во електронскиот матичен регистар се внесени 25 отсто од вкупниот број записи, посочуваат од Управата.
МИА