Град Скопје ја повлече од дневен ред точката за поништување на одлуката за промена на имињата на улиците. Сѐ уште не се знае дали улиците, плоштадите и мостовите во Скопје ќе добијат албански имиња. Но, зошто оваа одлука која беше усвоена од претходниот состав на Советот на Град Скопје не е спроведена досега? Од Централен регистар велат дека не можеле да постапат веднаш бидејќи барањето не било направено согласно Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, известува ТВ 21.
„Cогласно горенаведеното, Централен регистар не беше во можност да постапува по поднесената пријава. По завршување на пописот на население и локалните избори се пристапи кон разгледување на пријавата за упис на промена, но беа утврдени недостатоци на истата, за кои Град Скопје е соодветно информиран. Во моментов, Централен регистар чека на целосно комплетирање на поднесената документација“, велат од Централен регистер.
Со оглед на тоа што Централен регистар чека одговор од Град Скопје, став побаравме и од градските власти – дали повторно ќе го поднесат барањето со целосна документација? Од таму не добивме конкретен одговор, само повторија дека одлуката се коси со законот.
„Одлуката изгласана од претходниот состав на Советот на Град Скопје за промена на називите улиците, не е спроведена, а донесена е спротивно на закон на 30 март 2021 година, пред почеток на пописот и локалните избори. Согласно член 8 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, промена на имињата не смее да се врши шест месеци пред одржување на редовни претседателски, парламентарни и локални избори и една година пред попис на населението“, велат Град Скопје.
Во одлуката за промена на називите на улици, плоштади, мостови и други ифраструктурни објекти во Скопје, од вкупно 571 име и настани, 100 се имиња на истакнати албански личности кои дале свој придонес во разни области, како што се национални теми, литература, песни и спорт, како и имиња на улици од национални историски настани.