Грција денеска прва го дава слоганот на хуманоста: Ниту едно дете само, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, соопштувајќи ја владината програма за децата бегалци без придружба, преземајќи го лично управувањето со целиот случај, јави дописничката на МИА од Атина.
-Постои една рана од бегалското прашање која можеме веднаш, самите да ја затвориме. Тоа ни го наметнува нашата култура, хуманост, чувствителност, самата наша традиција. Зборувам за заштита на малолетни деца, кои тука се најдоа без придружба. Без никој покрај нив и без надеж пред нив. Не смееме да ги оставиме да се изгубат во експлоатацијата и криминалот. Малите души од светот не можат да станат жртви на виновниците од светот. Затоа јас лично го преземам нивниот случај, собирајќи ги сите релевантни одговорности во кабинетот на премиерот, рече Мицотакис.
Грчкиот премиер соопшти дека набргу ќе се формираат простори за сместување на 4.000 деца без придружба, кои сега живеат во ужасни услови, а секој простор ќе биде за мали групи со учители, доктори и психолози.
-Почнувам со едно строго предупредување: Сите криминалци што ќе се осмелат да малтретираат и да тргуваат со деца, да знаат дека државата немилосрдно ќе ги брка. Ќе ги казни без жалење, спасувајќи ги невините суштества од нивните раце, порача премиерот на Грција.
Мицотакис назначи и двајца надлежни за координација на програмата, како што рече, „двајца вистински претставници на граѓанското општество“. Координатор е Ирини Агапидаки, која што е професор и експерт за јавно здравје, а заедно со неа ќе биде и познатиот грчки писател Апостолос Доксиадис.
Како што објави МИА на почетокот на месецов, заменик министерката за труд и социјала на Грција, Домна Михаилиду на прес конференцијата рече дека во овој момент во земјата има 4.800 малолетни бегалци без придружба, од кои 1.178 се на непозната локација.