Министерството за правда на Никарагва вчера издаде потерница по истакнатата опозиционерка, Кристиана Шаморо, само еден ден откако таа кажа дека ќе се кандидира за претседател на земјата на претстојните избори,јаво ДПА.

Покрај обвинението за перење пари, ќерката на поранешната претседателка Виолета Шаморо е обвинета и за „злоупотреба во мнаџирањето“, додаде Министерството за правда.

Судот во главниот град Манагва, исто така, го одобри барањето на Јавното обвинителство со кое на Шаморо и се забранува да извршува јавни функции и да ја напушта земјата, јавија локалните медиуми, повикувајќи се на соопштение од судот, додава германската агенција.

Според нејзиниот брат, новинарот Карлос Шаморо, „интервентната полиција“ пет часа извршувала претрес во куќата на претседателската кандидатка, за на крајот попладнето да ја стави во домашен притвор.

„Нејзината куќа се уште е окупирана од полицијата“, објави тој на Твитер.

Пред две недели Министерството за внатрешни работи на Никарагва соопшти дека против Кристијана Шаморо покренало истрага за перење пари поради наводни нерегуларности меѓу 2015 и 2019 година во финансискиот менаџмент на фондацијата што го носи името на нејзината мајка.

Според официјалното соопштение, фондацијата, која мораше да се затвори во февруари поради законските ограничувања за финансирање на граѓански организации, „сериозно ги прекршила обврските и има јасни знаци на перење пари“.

Обвинението против претседателската кандидатка доаѓа два дена откако владата на претседателот Даниел Ортега, исто така, го укина правниот статус на опозициската Партија за демократска реставрација (ПРД).

Кристијана Шаморо пред два дена објави дека ќе се кандидира за претседател на земјата, на изборите закажани за ноември, преку опозициската коалиција „Граѓански сојуз“.