Никола ПАНОВСКИ
По тоа што го доживеавме вчера, јас на велосипед и господинот во голем џип, ве преколнувам:
КОГА ЧЕКАТЕ НА СЕМАФОР, А СТЕ САМИ ВО АВТОМОБИЛ, ОСОБЕНО ЏИП, НЕ ГЛЕДАЈТЕ ВО МОБИЛЕН, ГЛЕДАЈТЕ ПРЕД ВАС, ВЕ ПРЕКОЛНУВАМ!!!
Вчера, 24.12.2024, 11 часот наутро, на раскрницата на ул. Никола Тесла со Илинденска (кај Трибека, и гим. Орце Николов), се движам по ул. Н.Тесла кон Илинденска со велосипед, закачувам за нешто со педалата, минувајќи меѓу колите кои чекаа на црвено, и тротоарот, и паѓам на стомак пред џипот кој чека прв на семафорот. Се испружувам раширен со сите четири на асфалтот, јас напред со рацете, а велосипедот поназад заедно со моите нозе. Таман почна да ми тече крв од нос и се спремав да се исправам, кога шок. Џипот тргнува и ме покрива, таман е толку висок што само ми ја допира мојата голема глава, но ме стиска силно на десниот колк и на десната нога. Јас се дерам, а и многу лица кои чекале на пешачки. Џипот запира и по две секунди (кои траат како вечност), се враќа назад. Не ме прегази само затоа, што прво со нњговото лево предно тркало го прегази задното тркало на велосипедот, па рамот, кој ми ја стисна десната подколеница која беше под рамот. Значи осети отпор и прикочи инаку, јас ќе бев смачкан, а возачот на џипот и да не беше осуден, ќе беше душевно осакатен доживотно. Значи, ако не гледате напред,а гледате во мобилен или на страна можеби под вашето возило во меѓувреме да паднал човек, дете итн.
Да ја завршам случката. За чудо, успеав да станам, целиот згмечен и во прав, крв од носот, очилата летнати (баш нови и скапи), ама ок беа, лаптопот и мобилниот преживејаа, велосипедот во посмртни остатоци, ама ќе се поправи, велосипедот ем ме турна во смрт, ама и ме спаси.
Возачот на џипот ме зема во возилото, велосипедот во багажник и ме однесе дома. Го оставив смачканиот велосипед во гаража, се качив на друг и отидов на седница на Совет на Град Скопјев каде што бев и тргнат, истресов прашина и влегов во 11.30, доцнев 10 минути. По некое време гледам дека ме затега ногавицата кај подколеницата. Оток како тениско топче. На пауза отидов дома да се пресиблечам, кога потколеницата се наду како топка, и почнаа силни болки. Не можев ни до вц да одам без помош. Денес сум подобар, сам се движам, десната потколеница е само двапати подебела од левата, вчера беше трипати подебела и не ме боли. Лесни болки во рамо, колк, носот. Утре и ќе излезам од дома, значи ок сум физички, а психички сум се уште во шок, па затоа ја напишав оваа порака до возачите.