Убеден сум дека оваа влада ќе даде резултати во делот на реформи и борба со организиран криминал и корупција и притисокот кон Бугарија ќе биде голем и ќе се сменат работите. Убеден сум дека неколку големи земји-членки на ЕУ сметаат дека проширување не треба да се случува, зашто државите од регионот не се спремни, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „Фокус“.
Ако СДСМ се однесуваше попустлививо кон Софија, кај Вас се забележува една друга крајност. Имено, Бугарија ја нарекувате најслаба членка на ЕУ, неспособна да организира избори и да избере влада, поради што реагираа од официјална Софија. Нели сметате дека тоа е неизбалансиран и контрапродуктивен пристап, кој оди во корист на бугарската позиција?
Зоран Заев, Димитар Ковачевски, Артан Груби и Бујар Османи направија тоа што направија со државата, ја понижија максимално. Не сметам дека кажав ништо надвор од тоа што е вистина.
Факт е дека секогаш кога во Бугарија доаѓаат избори, темата Македонија е високоексплоатирана и суштината на тоа што го кажав е дека не сакаме некој во Бугарија да добива поени на оваа тема. Проблемот е што во Бугарија пречесто има избори и темава никако да се затвори, а бидејќи има пречесто избори, согласно нивото законодавство, има технички влади кои не одат на избори.
Бугарија сега има раководство кое бугарскиот народ не го гласал на избори. И мислам дека тоа раководство му прави штета и на бугарскиот народ, кој убеден сум дека сака добри односи со македонскиот народ. Сега за постојнава бугарска влада најдобро е и следните избори да пропаднат за да останат пак техничка влада.
Вие промовиравте една теза дека побрзо ќе станеме членка на ЕУ ако се справиме со криминалот и корупцијата. Како евентуалните резултати на овој план ќе ни го премостат проблемот со Бугарија и обврската за уставни измени?
Стојам позади тоа дека ако Македонија, а убеден сум дека оваа влада ќе даде резултати во делот на реформи и борба со организиран криминал и корупција, притисокот кон Бугарија ќе биде голем и ќе се сменат работите.
Убеден сум дека неколку големи земји-членки на ЕУ сметаат дека проширување не треба да се случува, зашто државите од регионот не се спремни.
Во неколку наврати јавно велевте дека Германија не е меѓу нив, но кои се тие? Дали се Франција, Холандија, Данска…?
Па мислам дека е доволно, зборувавме на почетокот за државна тајна, па доволно е дотука. Суштината е дека ако успееме да ги решиме домашните проблеми нивниот однос ќе биде различен.
Дали ако Доналд Трамп стане претседател на САД сметате дека Македонија ќе биде во поповолна позиција?
Исто мислам дека ќе биде. САД се најголемиот партнер на Македонија, можеби и единствен искрен пријател на Македонија. И без разлика дали во САД претседател бил демократ или републиканец ние секогаш сме имале партнер број 1 во нив.