„Со нашите иселеници, со дијаспората разговараме како да се подобрат состојбите во Македонија. Првиот чекор е промената на власта на парламентарните и претседателски избори кои што ќе се случат 24-ти април и 8-ми мај. И ги повикуваме сите наши кои што живеат надвор од Македонија да дојдат на 24-ти април и 8-ми мај во Македонија и да го искористат своето право на глас, како ВМРО-ДПМНЕ би освоило рекорден број на пратеници. И така не би било ВМРО-ДПМНЕ уценувано од никој од овие кои што се сега корумпирана елита на власт“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во изјава за вестите на Алфа телевизија од Виена.

Николоски додаде дека на ВМРО-ДПМНЕ му треба чист мандат, со голем број на пратеници. Ако е возможно и 61 пратеник со цел да не биде уценувано и секако политичката партија ДУИ да оди во опозиција.

„За тоа ни е потребно сите кои што живеат надвор од Македонија, како и сите кои што живеат во Македонија да дојдат на 24-ти април и на 8-ми мај да гласаат“, повика Николоски.

Тој посочи дека по победата на избори Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги исправа работите во државата кои што се последица од оваа ненародна и корумпирана власт.

„Потребно е пред се да се врати гордоста, македонската национална гордост кај Македонците, тоа е првата работа што треба да ја направиме. И секако втората работа е чистење на корупцијата и покренување на економијата со цел што помалку луѓе да ја напуштаат Македонија и секако оние кои што се надвор од државата да имаат можност да се вратат дома“, порача Николоски.