Министерот за транспорт, Александар Николоски на вечерашното гостување во централниот Дневник на телевизија Сител се осврна на постигнатиот договор со Велика Британија.
„Апсолутно ова беше процес кој траеше повеќе месеци, би рекол и години, еве ќе кажам прв пат во јавност, ние уште кога бевме опозиција, иницијални контакти почнавме на оваа тема, така што воопшто работата не е случајна и воопшто работата не е нешто што се случило преку ноќ. Сметам дека вчерашниот ден ќе остане запаметен како историски и дека ќе се бележи во историјата на Македонија, како ден во кој што сме постигнале стратешко партнерство со втората светска сила. Затоа што Велика Британија е единствената кралска империја која што преживеа во светот, е нуклеарна суперсила, е земја членка во Советот за безбедност на ОН, земја победничка во Втората светска војна, земја со најголемо културолошко влијание во светот, затоа што англискиот јазик е стандард за секој човек кој што сака нешто плус да направи од себе, а културата, британската култура, англиската култура, е таа што доминира, дали е тоа во Велика Британија, дали е во Комонвелтот, дали е во Австралија, Канада, во САД, тоа е културата која што во моментов ја доминира не само западната цивилизација, туку и целиот свет“, рече Николоски.
Николоски укажа дека во тие услови, „држава од некаде 1,8 милиони жители, без излез на море, каква што е Македонија, која што ние многу ја сакаме и за која што се бориме, да успее, да воопшто дојде на мапата на премиерот на Велика Британија и да двете влади се согласат за Договор за стратешко партнерство, мислам дека многу зборува, затоа што Договорот за стратешко партнерство значи дека нашите односи се на највисоко можно ниво, што ќе значи многу за Македонија и во делот на политика и во делот на економија“.
Според Вицепремиерот Николоски освен економскиот многу важен е и политичкиот дел.
Тој се осврна и на бенефитите од стратешкиот договор со Велика Британија односно за многуте инвестиции што ќе се реализираат во повеќе сектори, од кои и во здравствениот сектор, при што ги наведе проектите кои се планираат да се реализираат во таа област кои се од големо значење за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Веќе имаме согласност за изградба на Клиничка болница во Штип тоа за источниот дел е децениски проблем, оваа болница после Клиничкиот центар во Скопје треба да е најголема во Македонија. Второ изградба на Медицински факултет комплетно нов тоа е во делот на образованието и трето студентски дом којшто би бил во поддршка на Медицинскиот факултет со најмалку 200 легла. Понатаму четвртиот проект е целосно реконструкција на Клиничката болница во Тетотово и петто изградба на нова болница со нов Здравствен дом во Кичево“, истакна вицепремиерот Николоски.
Тој во своето гостување истакна дека е од суштинско значење да се направи голем и модерен Клинички центар во Скопје, кој што би бил од голема помош за граѓаните во Македонија.
„Ова се пет би рекол пилот проекти, коишто доколку се реализираат како што би требало, амбицијата е во втора фаза, веќе да размислуваме и за други региони, да размислуваме за Охрид, Битола, Прилеп. Исто така наша амбиција и е модерен клинички центар во Скопје во моментов правиме една голема реконструкција на Градската болница „8-ми Септември“, во соработка помеѓу Министерството за транспорт, Министерството за здравство и ТАВ, тоа ќе го реши проблемот на еден среден рок, така што амбицијата е да размислуваме за голем Клинички центар во Скопје кој ќе служи за цела држава како терциерно здравство“, рече Николоски.
Тој додаде дека ова е само почеток на инвестициите кои ќе се прошират и во други сектори.
„Ова е стартот, секако дека се отворени можности и за други сектори, и како ќе поминува времето ќе излегуваме со информации и за други сектори, она што сакам да го кажам е дека ова се инвестиции кои се враќаат три до четирикратно“, истакна Николоски.