Потсмевање со наставниот кадар и со сите кои протестираат, затоа што 10% покачување во образованието за да и е јасно на јавноста е некаде од 1.800 до 2.400 денари, па нека размислат дали со толку дополнително може да се преживее месецот во услови кога млекото е поскапено за 60%, маслото за 100%. Ако порано за 1000 денари се излегуваше со полни торби од маркет сега за толку не може да се купат повеќе од 5 производи, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во „Тема на денот“ во дневникот на Сител во врска со штрајкот на СОНК.
Николоски вели дека власта си поигрува со животниот стандард на наставниот кадар и затоа е оправдано да продолжат да штрајкуваат.
-Исто така сакам да изразам поддршка на Конфедерацијата на слободни синдикати и на нивниот протест на 26 април, затоа што сметам дека апсолутно се оправдани барањата затоа што со овие плати во услови на вакво поскапување не се живее. Главен виновник за поскапувањата е владата, затоа што криза и војна има за сите држави, но не во сите држави, други и во нашето опкружување има вакви лоши услови, рече Николоски.
Тој посочи дека Македонија по сите параметри ќе заврши како најлоша држава, со дефицит на буџетот од некаде над 8% и инфлација која може да оди до 10%, што значи енормно поскапување и затоа се оправдани барањата на СОНК и наставниот кадар и на КСС, и на сите останати.
– СДСМ кога кажува дека покачила плати во образование игра со статистика затоа што не кажува дека инфлацијата тогаш беше 0,5 до 1%, а имаше и години и без инфлација. Клучното е колку вредат парите, а не колку имате. Важно е што може да купите со парите. СДСМ треба да одговори што во 2011 можеше да се купи за 24.000 денари колку, а што за толку може да се купи во 2022. Мислам дека сите ќе се согласат дека пола од работите кои во 2011 може да се купат, сега не може, нагласи Николоски.
Претходно, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“ денеска заедно со градоначалникот на општина Сопиште, Стевче Трпковски извршија увид на градежни активности на детска градинка каде беше дадена и изјава за медиумите.
Запрашан за мислење околу ставот на Владата која смета дека 10% покачување се доволни и ги обвинуваат СОНК за неодговорност, Мисајловски порача дека власта мора да престане со притисоците кон СОНК и наставниците и наместо тоа да седнат и да изнајдат заедничкото и фер решение бидејќи луѓето од оваа фела тоа го заслужуваат.
„Јас би порачал да престане со притисоци власта кон СОНК, кон професорите и кон сите оние наставници. Легитимно е барањето на целиот наставен кадар да се зголеми платата, бидејќи во Македонија сѐ поскапе. Поскапе зејтинот, брашното, енергенсите, струјата, водата, сѐ поскапува во Република Македонија. Затоа, наместо вакви закани кон тие луѓе, нека седнат овие од власта и нека направат навистина еден добар социјален дијалог, да има фер понуда за сите професори и наставници да го добијат она што го заслужуваат. Ние застануваме на страната на наставниот кадар и наместо демагогии и закани од власта, нека седнат и нека го најдат заедничкото решение бидејќи тие луѓе, таа фела навистина заслужува повеќе затоа што тие се тие кои го пренесуваат знаењето на сите генерации“, потенцираше Мисајловски.