Деновиве во функција на известител определен од Мониторинг комисијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, учествувам во мисија за утврдување на фактите во Босна и Херцеговина, напиша на Фејсбук потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.
-Ова е првпат член на македонската Делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа во функција на известител да учествува во мониторинг мисија и да известува за напредокот на друга држава. По посетата ќе изготвиме извештај за напредокот на државата, кој прво ќе биде претставен пред членовите на Мониторинг комисијата, а потоа, заедно со препораките за идните чекори прво ќе биде предмет на дебата на пленарна седница, а потоа ќе следи гласање за текстот, кој ќе ја претставува заедничката позиција на Парламентарното собрание на Советот на Европа, истакна Николовски.