Денеска сме во посета на општина Неготино, имаме средби со градоначалникот, со пратениците, со претставниците на Советот, исто така покрај градот ќе ги посетиме и околните населени места, сакаме да поразговараме со земјоделците. Она што го кажа градоначалникот и е значајно, веќе по само 5 месеци од завршувањето на локалните избори се чувствуваат сериозни промени во општините каде што ВМРО-ДПМНЕ предложи свои кандидати и станаа градоначалници, изјави за медиумите потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски при неговата посета во општината Неготино.
Тој посочи дека општините биле затекнати во исклучително тешка финансиска состојба, дополнително на тоа е енормното поскапување на електричната енергија која што поскапе некаде до 5 пати за општините, значи 500%.
– Доколку претходно една општина плаќала на пример еден милион денари за улично осветлување, сега плаќа 5 милиони денари, што сериозно ги отежнува буџетите на општините и прави проблем на градоначалниците во реализација на проекти. Но, дури и во такви услови тука во Неготино има започнато проекти и дополнително во овој момент се планираат проекти кои ќе се реализираат во следниот период. Ние активно ќе ги следиме и се надевам дека после предвремените парламентарни избори ќе може владата уште повеќе да помага, затоа што сметаме дека жителите на целиот овој регион Тиквешијата, на Неготино, Кавадарци, Демир Капија, Росоман заслужуваат поголема поддршка затоа што овој регион треба да се развива, истакна Николоски.
Тој даде коментар и за неколку државни теми.
– Прво, она што според мене е најзначајно, тоа е политичката и економска криза со која Македонија се соочува. Во четвртокот, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски излезе со предлог решение за излез од политичката и економска криза. Во услови кога Македонија е во континуирана политичка криза веќе 5 години, во услови кога оваа влада го одржува мнозинството со само 1 до 2 пратеници плус во Собранието, дополнително на тоа, една економска криза, и војната во Украина која резултира со енормно поскапување на основните продукти, резултира со немање на доволно производи, запирање на македонскиот извод, го доведува македонското земјоделие во сериозна криза, особено во овој регион каде што под голем прашалник е извозот на македонските земјоделски производи и финалните производи, како виното, грозјето, но и праските и сето она коешто ќе стаса во следниот период. Во едни такви услови, ВМРО-ДПМНЕ нуди четири тима во четирите најгорливи области, а тоа е секако економијата, надворешните работи и евроинтеграциите односно односите со Бугарија, здравството и образованието. Овие четири тима со луѓе коишто се високо политички профилирани во ВМРО-ДПМНЕ но и се експерти во своите области се спремни да помогнат на Владата а со тоа и на граѓаните на Република Македонија за излез од кризата и исто така да се договори соодветен датум за предвремени парламентарни избори, појасни потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Николоски потенцираше дека се разочарани што премиерот Димитар Ковачевски на самиот почеток ја одби оваа идеја, затоа што неговата Влада се покажа неспособна, како Влада којашто не знае да решава проблеми, како Влада којашто ја продолжува корупцијата на Зоран Заев и како Влада којашто дополнително економски ја тоне Македонија.
– Мислам дека добро треба да размислат, да ја прифатат оваа идеја на ВМРО-ДПМНЕ за четири тима во надворешните работи, економијата, здравството и образованието проследено со определување на датум за предвремени избори затоа што тоа е начин Македонија да излезе од оваа политичка и економска криза. И од овде да порачам од Неготино, доколку Димитар Ковачевски не е тој којшто ги носи одлуките во СДСМ и доколку не може да донесе одлука во СДСМ, спремни сме да разговараме во СДСМ со секој еден којшто тие ќе го посочат дека носи одлуки. Ако е Зоран Заев да разговараме со Зоран Заев, ако е Радмила Шекеринска да разговараме и со Радмила Шекеринска, кој носи одлуки во СДСМ со него да седнеме да поразговараме затоа што потребно е Македонија да излезе од оваа економска и политичка криза преку предвремени парламентарни избори и преки решавање на овие четири горливи проблеми со коишто се соочува Македонија. Се различно од ова значи само голо останување на власт и се различно од ова значи продолжување на криминалот, затоа што во најава има неколку големи тендери, повторно во четири очи во РЕК Битола, како што се случуваше минатата година. А, веќе коалиционите партнер на СДСМ, ДУИ јавно говори за некакви си повици за изградба на автопати во услови кога пет години не се градат автопати во Македонија. Но, гледаме паралелно се случуваат процеси кои што водат кон криминалитет во овие проекти, така што кога сето тоа ќе се стави на купче, јасно е дека изборот е или излез од политичката и економска криза и предвремени избори или продолжување на криминалот за што, секако ќе има одговорност. И втората тема која што сакам да ја споменам е состојбата во земјоделието. Како никогаш до сега, земјоделците се во очајна состојба и за жал, лошите практики само продолжуваат. Свежо се сеќаваме на состојбите од минатата и предминатата година со откупот на грозјето, кога земјоделците или не можеа да го откупат својот род или го продаваа по исклучително ниски, недостојни цени. За жал, оваа година очекуваме продолжување на тие трендови и проширување и во другите сектори, веќе има голем проблем со пролетната зелка. Очекуваме проблем со вишната, со малината, со праските кога ќе стасаат, со црешата и исто така со комплетните раноградинарски производи, што се на се, го става во една многу деликатна состојба македонското земјоделие, дециден е Николоски.
Тој додаде дека во услови кога владата најавува најголемо задолжување во историја на државата од 900 милиони евра, во услови кога ќе се задолжи оваа Влада како ниедна претходна, не гледаме ни денар од тие средства дека одат за да се помогне на земјоделците.
– И внимавајте, оваа задолжување ќе биде исклучиво за тековни трошоци на владата, па се поставува логичното прашање, што правата со буџетот во услови кога им се потребни 900 милиони само за тековно трошење, а не за капитални инвестиции или за помош на земјоделците, информираше Николоски.