Јас прв пат пролетта 2018 година реков дека дури и да се реши спорот со името Грција, се додека оваа влада е на власт, Македонија нема да почне преговори со Европската Унија. И еве, денес оваа влада си замина, со различен премиер, но составот горе долу е ист и СДСМ и ДУИ дури и во одредени министри цело време се министри во овој период од седум години и тоа го темелев врз основа на кредибилни информации кои што ги добивав и сеуште ги добивам од неколку големи центри кои што ми велат со ова ниво на криминал и корупција во Македонија, Македонија нема шанса да почне преговори со Европската Унија. Или во најдобар случај за Македонија, би го почнала преговорите и за три до шест месеци би добила вето заради криминал и корупција и немање функционален систем на владеење на правото и мојата теза се темелеше на таа работа“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во денешното гостување во „За или против“ на телевизија Алфа.
Николоски додава дека власта со години го утепа од лажење народот дека кај и да е ќе влезат во Европска Унија и тогаш, во периодот кога тврдеше дека Македонија нема да започне преговори со унијата, всушност одеше спротивно на ветрот бидејќи во тој период имаше една силна пропаганда дека еве само што не сме ги отвориле портите на рајот, а ВМРО-ДПМНЕ реално беше слабо.
„Беше тешко, но јас верував во она што го кажувам. И еве испаднав, за жал, во право. Велам за жал, затоа што јас не сум среќен што мојата држава не напредува и не сум среќен што Македонија назадува, но ја кажував вистина. Јас ја кажував вистината надевајќи се дека тогаш од опозиција ќе можам како опозиционер да влијаам на власта да се коригира. Но нас тие не сфаќаа злонамерно, пуштаа соопштенија за мене дека тоа што го зборувам е научна фантастика, но еве, таа научна фантастика, за жал, се реализира“, рече Николоски, додавајќи дека Македонија и после толку години и после толку отстапки, сеуште чека да ги отпочне преговорите со Европската Унија.
Но, додава Николоски, за да се случи отворањето на преговорите со унијата потребно е Македонија да го реши проблемот со криминалот и корупцијата и да воспостави ефикасен систем на владеење на правото, нешто што оваа владина гарнитура предводена од СДСМ и ДУИ тоа нема ниту волја, ниту знае како да спроведе.
„Македонија се додека не го реши проблемот со криминалот и корупцијата нема да може да мрдне од мртва точка, десет пати може да се смени уставот пак ќе е исто. И обратно, доколку се воспостави функционален систем на владеење на правото и има јасна битка со криминалот и корупцијата, позициите на Македонија кон Бугарија ќе се многу подобри. Затоа што сега никој не ја притиска Бугарија, а не ја притиска затоа што, најмалку пет големи главни градови за земји членки на Европската Унија, не се уверени дека Македонија треба да почне преговори со ЕУ и затоа не вршат никаков притисок врз Бугарија. Инаку, да не се лажеме, немаме ние проблем со најсилната членка на ЕУ, ние имаме проблем со најслабата или втората најслаба земја членка на ЕУ, многу повеќе Европската Унија и треба на Бугарија, одошто Бугарија и треба на Европската Унија“, рече Николоски.
Така да, додаде тој, основната причина зошто Македонија не ги почнува преговорите со Европската Унија се криминалот и корупцијата, затоа што владите во влијателните земји членки на ЕУ во своите држави имаат опозиција и не сакаат да седнуваат на иста маса со корумпираните владини претставници од Македонија и да си наштетат на својот имиџ што би се одразиле и во намалување на гласови на избори.
Николоски додаде дека, изминатите околу седум години направена е огромна штета врз Македонија, така што на ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе ја преземе власта после изборите, ќе му треба многу енергија и време за да ги поправаме грешките и националните катастрофи кои што ги направи Заев, Димитров, Ковачевски и останатите, затоа што сите тие национални предавства, како Договорот од Преспа и со Бугарија не се решава во пет минути само со еден потпис, како што некои тврдат и го лажат народот.