СДСМ е во криминална коалиција со Сашо Мијалков, за три години тој стана најблизок соработник и бизнис партнер на Вице Заев, обвини Александар Николоски во гостувањето во „Топ Тема“ на Телма. Во дебата со Радмила Шекеринска тој истакна дека постои селективна правда, одредени случаи експресно се водат, додека за оние луѓе кои влегоа во коалиција со СДСМ слуачите се одолговлекуваат.
-СДСМ е 4 година на власт министер за внатрешни работи има повеќе од 5 години, полугите во судството јасни се. Има интересна тенденција во случаите кои се во судот, има два типа на случаи. Еден тип на случаи судијата 90 дена заборава да закаже рочиште, започнува наново случајот. Па после тоа еден од поротниците си дава оставка, па почнува наново. Па после тоа друг поротник си дава оставка па почнува наново. Па после тоа некој сведок се премислил па почнува наново. Знаете кои се овие случаи? Овие случаи се случаи каде дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое сега е во криминална коалиција со СДСМ и тука одговор нема. Одговор нема, кој прислушкуваше во Република Македонија? Знаете зошто, бидејќи случајот кој прислушкуваше во Република Македонија не може да почне затоа што таму првообвинет е бизнис партнерот на Вице Заев.
Тој посочи дека се уште не може да започне ниту случајот за набавката на опрема за прислушкување затоа што и таму е обвинет бизнис партнерот на Заев.
-Вистината во Македонија е дека за бизнис партнерите, дел од крими коалицијата на СДСМ случаите не можат да почнат и тоа е факт за македонското судство. И затоа е смешно СДСМ да протестира против судството во кое имаат толкаво влијание, вели тој.
Што се однесува до изборниот процес, според Николоски тој уште од самиот старт е дерогиран. Ги посочи разрешувањето на Рашела Мизрахи, 1000-тици вработувања во јавната администрација пред изборите и односот на Владата на СДСМ кон техничкиот министер за внатрешни Наќе Чулев, вели дека следуваат избори кои нема да бидат фер и регуларни, но и при такви услови ВМРО-ДПМНЕ ќе го победи СДСМ.
-Во однос на кампањата, стартот е многу лош се дерогира моделот на техничка Влада. ВМРО-ДПМНЕ требаше да има два министри во таа Влада, но сега за жал беше разрешена министерката за труд и социјална политика. Тоа не е во духот на договорот затоа што секогаш мнозинството може да менува министри од опозицијата, затоа што опозицијата нема мнозинство и во таа насока можевме истото да го пресликаме во 2016-тата година кога опозицијата тогаш СДСМ, повеќе од една година беше застапена во техничката Влада заради одлагањето на изборите па никој не помисли на таква работа. Така да разрешувањето на министерката е голем удар на кредибилитетот на изборите. Втор удар на кредибилитетот на изборниот процес се илјадниците вработувања кои се случија откако започна со работа техничката Влада и во услови на практично предизборие во тие 100 дена. Трета работа е сосотојбата во кое функционира МВР, вели Николовски.