Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во Радио Лидер зборуваше за тоа како одела целосната траекторија на Алијанса за Албанците за влез во влада, и посочи три фази.
-Она што претпоставувам е најзагрижувачко кај власта е што јасно ја нацртавме политичката корупција и политичката проституција која што се случува во Македонија. Уште минатиот понеделник кога почна дебатата јас имав свој говор во кој објаснив како одеше траекторијата на покана за влез на Алијанса за Албанците, таа траекторија е многу едноставна. Минатата година имаше вонредни локални избори за Советот на град Тетово и на тие избори Алијанса на Албанците на изненадување на сите освои 0 советници, што ќе се согласите дека е далеку од нормално затоа што сепак Алијанса за Албанците беше втора политичка сила во Македонија помеѓу Албанците. Тој изборен резултат доведе до оставка на Зијадин Села од претседател на партија. Додека Зијадин Села беше претседател ние како ВМРО-ДПМНЕ имавме одлична соработка со нив. Но факт е дека во тој регион во Гостивар и во Тетово Арбен Таравари е повлијателен и очигледно дека го намести својот партиски претседател Зијадин Села со таков изборен резултат, се со цел Села да мора да си поднесе оставка, рече Николоски.
Потпретседателот Николоски во текот на своето гостување се осврна и на втората фаза за влез на Алијанса за Албанците каде укажа на подарокот на Арбен Таравари, односно куќата во елитна населба Тафталиџе во Скопје од над 200 метри квадратни. Имено тој укажа и на моментот дека досега не е направена трансакција за купување на куќата помеѓу Таравари и продавачот.
-Втората фаза е подарок куќа во елитната населба во Тафталиџе, преубава куќа морам да признаам, вкупна квадратура до сега, зошто најверојатно ќе се надоградува е 261 квадрат, официјално купена за 500 евра квадрат, или таму отворете било која Агенција за недвижности ќе видите дека куќа чини од 2.000- 3.000 квадрат. Големо прашање е дали и тие 500 евра квадрат се платени, зошто до денес не видовме трансакција. Колку што се нашите сознанија, а ВМРО-ДПМНЕ секогаш има кредибилни сознанија воопшто трансакција не е направена помеѓу трансакциската сметка на Арбен Таравари и на продавачот, кажа тој.
На крај Николоски додаде: „И третата фаза во ова сценарио е влегувањето на Алијансата на Албанците во Владата. Така да ова е една класична политичка корупција и политичка проституција која што се гледа на сцена“.