Во рамките на работната посета на Вашингтон, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски оствари билатерална средба со највисокото раководство на Националниот демократски институт (НДИ), соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека Николоски разговарал со Дерек Мичел, претседател на НДИ и Роберт Бенјамин – Директор на НДИ за Европа.
На средбата била потврдена одличната соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и НДИ, како и големиот настан кој НДИ го организира за ВМРО-ДПМНЕ чија цел е градење на нови политики и обука на раководството и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а истиот ќе се одржи следниот викенд и на него ќе учествуваат 80 претставници од ВМРО-ДПМНЕ.
-На средбата се разговараше и за политичката ситуација во Македонија, за поразителното ниво на корупција, за лошата економска клима и сл. Стана збор и за барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, како и за престојните претседателски избори. Николоски се сретна и со конгресменот Роберт Аделхорт кој исто така беше информиран за целокупната политичка ситуација во Македонија, стои во соопштението на партијата.
Николоски побарал од Аделхорт да се заложи во ОБСЕ , каде што и самиот е потпретседател, да се испрати силна мониторинг мисија за следните избори со цел да се спречат неправилности и полнење кутии. Николоски побарал одржувањето кредибилни и демократски избори да биде услов за членство во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ.
Николоски на средбите ги информирал соговорниците за штетниот договор за промена на името, кој остава трајни последици врз Македонија и значи целосно национално обезличување на Македонија.