Дали на кого било му се верува дека во проектот беше изоставена, не сакам да употребам друг збор, еластична ограда или кај народот познати како банкина. Беше изоставена жичена ограда на автопатот и беше изоставена жичена ограда што се става на косините. Изоставени се клучни елементи и затоа Собранието го продолжи рокот за доизградбата на автопатот Кичево – Охрид и одобри дополнителни пари, рече вечерва министерот за транспорт Александар Николоски.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Николоски напомена дека дополнителните 186 милиони евра се за галериите и заборавените банкини и клучки, а пролонгирањето е резултат на затекнати технички пропусти, финансиски потреби и неопходност од административно запишување на објектот.

Како еден од најголемите парадокси во досегашното планирање, министерот го издвојува недостигот на безбедносна опрема.

-Дали на кого било му се верува дека во проектот беше изоставена, не сакам да употребам друг збор, еластична ограда или кај народот познати како банкини. Беше изоставена жичена ограда на автопатот и беше изоставена жичена ограда којашто се става на косините. И тоа државата ќе ја чини дополнителни 37 милиони евра затоа што едноставно на почетокот не биле предвидени, истакна Николоски.

Тој повтори дека не биле предвидени ниту влезно-излезни клучки, ниту паралелни патишта кои се стандард за обезбедување алтернативна рута без плаќање патарина. Техничките предизвици, образложи Николоски, се зголемуваат и со проблемот со свлечиштата каде што цели планини се спуштаат на трасата, па се предвиде изградба на 14 галерии по целата должина.

И покрај новиот законски рок, министерот уверува дека самата градба ќе биде завршена во ветениот термин.

-Рокот останува 31.12.2026 година и ако го видите делот на откажување од побарување или ’клејмови’, ние успеавме да се договориме со изведувачот да се откажат од сите отштетни побарувања до 31.12.2026 година, што значи дека државата нема да плати денар плус од тоа што е предвидено, рече Николоски.

Според него, дополнителните пет месеци Собранието ги даде за премери и комисиски проверки за конечно запишување на автопатот бидејќи, речиси целата патна мрежа во државата технички се третирала како нерегистрирана градба.

-Ставаме дополнителен рок од пет месеци со цел да можеме да го запишеме автопатот и да добие употребна дозвола. Имајќи предвид дека јас се затекнав со една шокирачка состојба, а тоа е дека кога бев избран само два патни правци во Македонија беа запишани, сето друго е, народски кажано, дивоградба. Тоа не е диво градено, но имајќи предвид дека не е запишано, се третира така, како што охридскиот аеродром не беше запишан и ние го запишувавме. Запишани се Скопје-Штип и Демир Капија-Смоквица. Тоа се два потези коишто се запишани. Сè друго, вклучувајќи ги и старите автопати, не се запишани и ги нема никаде, објасни вицепремиерот и додаде дека градежните активности на терен се очекува да завршат во ноември или декември 2026 година, зависно од временските услови.

Оценка на Николоски е дека овој проект и понатаму е финансиски поповолен од поновите договори за другите патни коридори.

-Ова е сè уште најевтиниот автопат што во моментов се гради во Македонија. Просечната цена по километар за Кичево-Охрид изнесува околу 13,5 милиони евра, што е помалку во споредба со просекот од 16 милиони евра кај договорот со „Бехтел и Енка“ или предвидените 20 милиони евра по километар за делниците Кичево-Букојчани и Скопје-Блаце, дециден е Николоски.