Знам дека во услови на вакви кризи и луѓето се солидаризираат и критиките понекогаш се чувствуваат како неоправдани. Но, апсолутно мислам дека имаме неспособно водство на државата која што не знае како да се справи со оваа криза. Имаме на власт едни тотални аматери кои што не знаат да работат, не сакаат да работат, не знаат и не сакаат да учат и се крајно неспособни, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во денешната панел дискусија во организација на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Затоа што секој живот вреди“.
Николоски посочи дека мерките кои што се предложени од страна на ВМРО-ДПМНЕ се предложени се со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата, потенцирајќи дека Владата почнала да спроведува дел од мерките откако се зголемил бројот на заразени лица од коронавирусот.
-Само погледнете кога ВМРО-ДПМНЕ почна да ги предлага мерките. Тие се далеку порано пред воопшто да се зголеми бројот на случаи и само видете кога се спроведуваат мерките откако ќе се случат нови случаеви. Аеродромот Скопје се затвора дури вечерва, а требаше да се затвори пред месец дена. Границите се затворија пред некој ден а требаше да бидат затворени уште пред месец дена. Ова е недозволиво што се случува во Македонија. Имаме тотални аматери и неспособни луѓе кои што во моментот ја водат државата, истакна тој.
Како причина зошто не било прифатено барањето на ВМРО-ДПМНЕ за воведување на кризна состојба, Николоски истакна дека само со прогласување на вонредна состојба сите надлежностите ги презема Владата на СДСМ, укажувајќи дека Заев и СДСМ ќе ја имаат целосна слобода во носење на уредби со законска сила, односно како што рече тој Владата на СДСМ може да носи било какви закони кои што не успеа да ги изгласа пред распуштање на Собранието.
-Наместо да мислат на здравјето на граѓаните, тие размислуваат како да може Владата да ги изгласа тие закони кои што не успеа да изгласа пред распуштање на Собранието. Причината зошто се одбиваше барањето на ВМРО-ДПМНЕ за воведување на кризна состојба е само една и ќе ја објаснам најпластично. Значи согласно Уставот кога се воведува состојба сите надлежности ги презема Владата, а тоа значи дека Владата може сама да носи закони без да го има тука Собранието како некој филтер и тоа значи дека може утре Зоран Заев преку своите министри во владата да си предложи каков сака закон и попладне тој да биде усвоен. И очекувам во следниот период да има закони во корист на брат му Вице Заев. Тоа е причината зошто се воведува вонредна состојба, рече тој.
Според Николоски официјалните податоци од страна на Обединетите Нации покажуваат дека Македонија е држава која што лошо се справува со корона вирусот односно дека Македонија спаѓа во држави кои што не воведува рестриктивни мерки а тоа значи дека не го следи она што го прават земјите членки од Европската Унија.
-Според официјални податоци од ОН кои што ги имам се вели дека 63 проценти од земјите членки на ЕУ имаат забранет влез за конкретни припадници на одредени националности. Значи, на пример, во Германија не смеат да влегуваат Италијанци, 26 од европските земји имаат забрани за влез по држава, така, на пример, во Франција не смеат да влегуваат луѓе од Италија и 11 проценти дозволуваат влез само со медицинска документација која што докажува дека одреденото лице е здраво. Во Централна Европа каде што според лоцирањето припаѓаме, 49 проценти од државите дозволуваат влез само со медицинска документација, а 45 проценти имаат забрана за влез од одредена земја. Македонија според ова исто рангирање не спаѓа во ниту една од овие групи и спаѓа во група други забрани кои што не се многу рестриктивни. Ова е црвен аларм, што значи дека Македонија спаѓа во други забрани кои што не се многу рестриктивни што значи дека ние не го следиме тоа што го прави Европската Унија и во Македонија не е забранет влез за други националности и припадници од други држави, а ниту пак се дозволува да се влезе само со валидна документација што не става условно кажано на други забрани кои што не се рестриктивни, што покажува повторно со какви аматери и неспособни ние имаме работа, изјави Николоски.
Во однос на мигрантите, Николоски истакна дека на лицата коишто транзитираат низ Македонија а доаѓаат од Авганистан, не им се вршат здравствени прегледи, додавајќи дека истите тие поминуваат и низ Иран која што е трета земја по бројот на заразени од корона вирусот.
-Имаме мигрантска криза со кој што се соочува цела Европа и цел Балкан. Во Македонија транзитираат мигранти, нив не ги проверува Министерството за здравство и министерот Филипче. Затоа што не се прегледуваат мигрантите не знаеме тие во каква здравствена состојба се, а според податоците кои што ги имаме над 20 проценти од мигрантите кои што поминуваат низ Македонија се со потекло од Авганистан и во својот пат поминале низ Иран земја број 3 по заразени од корона вирус. Тоа е аматеризмот и неспособноста на оваа власт која што може да ја донесе Македонија на експлозија од корона вирусот, објасни Николоски.