Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вечера во интервју на ТВ Алфа, истакна дека Заев и Димитров работеле на промена на името на Македонија уште пред тие да ја формираат владата.
-Јас мислам дека договорот бил направен порано, вели тој.
Според Николоски, договорот бил направен одамна, а се работело на подготовка на јавноста, чекор по чекор за да го прифати овој договор кој тој го нарече национална катастрофа. Заев и Димитров потенцира тој, презеле концесии со цел да го направат тоа што го направија, потикнати од центри на моќ кои ги донеле на власт.
Николоски забележа дека во јавноста кружеле информации дека Пендаровски требало да биде министер за одбрана, а дека за Шеќеринска било резервирано министер за надворешни работи, името на Никола Димитров никаде не било споменато за позицијата министер за надворешни работи, а тоа значи дека неговото име било сугерирано од некој друг со цел потпишување на договорот за промена на името.
Тој заклучи дека Заев и Димитров ги напушиле официјалните државни позиции за името од 2008 година кои биле постигнати со консензус на сите партии. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека опозицијата припрема кривични пријави и ќе бара одговорност од владата на Заев за потпишувањето на „капитулантскиот“ договор со Грција.