Тамара Тодевска синоќа во Тел Авив оствари историски пласман на „Евросонг“ за нашата земја. Со 239 поени, Тамара Тодевска завршила на второто место во второто евровизиско полуфинале, веднаш зад победникот Данкан Лоренс.
За жал, на финалната вечер, малиот број гласови добиени од телефонското гласање, нагло нѐ спушти на табелата и завршивме осми.
Она што е особено интересно е како гласала нашата земја и кому сме му ги доделиле максималните поени. Македонското жири во состав: Сузана Стефановска (музички уредник), Фјола Исмаили (музичар), Роберт Вукелиќ (пејач), Христина Мицковска (радиодиџеј) и Ристо Апостолов (музичар) не доделило ниту еден поен на Србија.
Максимална 12-ка сме ѝ доделиле на Италија, 10 поени на Австралија и 8 на Албанија. Токму за оваа земја најмногу гласала македонската публика, а благодарение на телевоутингот Србите од нас добија високи десет поени.
Нашата земја првпат настапи на големото музичко натпреварување под новото уставно име. Македонската публика, но и жири не дале ниту еден поен на Грција, а ние од нив сме добиле само еден поен.