Раперот 50 Сент предизвика бура на социјалните мрежи откако со контроверзна објава реагираше на победата на Зохран Мамдани на изборите за градоначалник на Њујорк.

Мамдани стана првиот муслиман и Јужноазиец на чело на „Големото Јаболко“, а неговите најави за даночни реформи очигледно не му се допаднале на познатиот музичар.

Мамдани остро го критикуваше својот противкандидат Ендру Куомо, но и претседателот Доналд Трамп. Познат е по тоа што не се воздржува да го изнесе своето мислење, а на негов удар, покрај политичарите, сега се најде и еден од најпознатите рапери во светот.

Контроверзии поради даночните најави

Сè започна откако Мамдани ги објави своите планови за зголемување на даночната стапка на добивка за компаниите на 11,5 проценти и воведување паушален данок од два проценти за жителите на Њујорк со годишна плата поголема од еден милион долари.

Реакцијата на раперот: „Почивај во мир, Њујорк“

Еден од оние кои очигледно се налутија поради оваа политика беше 50 Сент. На својот профил на „Инстаграм“ тој објави фотографија од надгробен споменик, генерирана со вештачка интелигенција, со која сакал да порача дека градот е „мртов“. На споменикот стои натписот:

„Почивај во мир, Њујорк. Основан 1624. Почина 2025“.