За поефикасно мапирање и овозможување на продажба од далечина на домашните земјоделските производи од Македонија, Националната федерација на фармери (НФФ), во рамките на проектот „Поддршка за онлајн продажба на земјоделците и јакнење на гласот на жените од руралните средини“, ја изработи интернет платформата www.efarm.mk.
Таа, како што посочуваат од НФФ, содржи информации за земјоделски производители и нивните производи, автентични фотографии од истите, како и контакти од самите земјоделци, за сите оние домашни и странски потенцијални купувачи и други заинтересирани лица, да можат на едно место да најдат се што им е потребно . Платформата е на македонски јазик и во јуни ќе биде достапна и на англиски и албански јазик.
– Платформата е продолжение на кампањата на Националната федерација на фармери „Купувајте домашни земјоделски производи“. Домашното производство треба да си го зачуваме и да ја зголеми неговата продажба. Во моментот на платформата има 100 земјоделци кои ги промовираат своите производи и кои се квалитетни и одгледувани во еколошки здрава средина. Сега со само еден клик сте веќе на местото кое го барате, стапувате во контакт со земјоделецот и за кусо време или лично си ги купувате или ви ги испраќаат преку превоз до дома. На домашното земјоделско производство може најмногу да му се верува, потенцира Васка Мојсовска, претседателка на НФФ.
Платформата е дел од проектот „Поддршка на земјоделците за онлајн продажба и јакнење на гласот на жените од руралните средини“ поддржан од проектот „Поддршка на диверзификацијата на економските активности во рурални подрачја на Југоисточна Европа (SEDRA)“ финансиран од BMZ и имплементиран од GIZ и SWG RRD. Проектот е составен е од две компоненти: развој и промоција на капацитетите поврзани со онлајн промоција и продажба на агро-прехранбени производи преку платформата, како и развој на женското лидерство и претприемништво во руралните средини.