„Не ги расипува луѓето моќта, туку стравот. Стравот од губење на моќта ги расипува оние кои се на власт, а стравот од злоупотреба на моќта оние со кои се владее“. Со овие зборови нобеловката од Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, го почна својот говор во 1990 година кога како млада жена, активистка, политичарка, демократка од оваа азиска држава (поранешна Бурма) ја прими престижната награда „Сахаров“. Зборови кои ја одбележаа целата нејзина повеќе од тридеценска борба за демократија, човекови права, владеење на правото, години на нејзина непоколебливост, упорност, гандиевска истрајност, па и бестрашност, но кои годинава повторно ја доведоа до таму од каде што почна – во домашен притвор и затвор.
И навистина, изминатите над три децении нејзина борба за демократија и губење на стравот во Мјанмар од жестокоста на на воената хунта, на оваа жена не и донесоа ништо добро. Во светот таа прерасна во своевидна икона на отпорот, борец за човекови права, призната и наградувана насекаде, а дома доживува невиден прогон, па над 15 години минува во домашен притвор или затвор.
Дека и оваа 2021 година на заминување не и донесе ништо добро, се виде на 1 февруари, кога воениот врв, на чело со генералот Аунг Хлаинг, и изврши воен удар и ја собори демократски избраната влада, на која нејзината Национална лига за демократија минатиот ноември освои убедлива победа на парламентарните избори. Армијата ја обвини дека изборите биле измама и врховниот командант на војската Аунг Хлаинг се закани дека ќе го укине уставот доколку тој не се почитува.
Со денови се ширеа гласини дека нешто им се подготвува на премиерката и нејзината влада и тие се зголемуваа од ден на ден, и покрај сите негирања на генералите.
На 1 февруари утрината Аунг Сан Су Чи беше уапсена, а покрај неа уапсени беа и претседателот Вин Мјинт и другите високи членови на владејачката партија. Неколку часа подоцна војската прогласи вонредна состојба, а цивилното државно раководство беше симнато од власта, јави воената телевизија.
Меѓутоа, по првичната мирна реакција по приведувањето, таа набрзо испрати нова порака со повик на протести против воениот удар.
-Мерките преземени од војската се мерки за враќање на земјата во диктатура, наведе добитничка на Нобеловата награда за мир во 1991 година и дипломирана филозофка од Оксфорд, инаку ќерка на почитуваниот политичар Аунг Сан кој Бурма ја ослободи од британската колонија.
„Го повикувам народот да не го прифаќа ова и да протестира со сето срце против воениот удар“, порача таа.
Нејзината порака беше прифатена од илјадници демократски определени граѓани, кои од тој ден , па следните десет месеци демонстрираа по улиците на сите градови во земјата, а често пати и влегуваат во судири со војската и полицијата. Во следните месеци имаше илјадници уапсени демонстранти, активисти, студенти, новинари…..
Меѓународните и домашните организации за човекови права потврдуваат дека во моментов во затворите во Мјанмар има над 10.000 уапсени лица, кои таму се нашле само затоа што го изразиле својот револт на мирен протест на улица, кажале нешто или напишале по медиумите или на социјалните мрежи. Според активистите за човекови права, повеќе од 1.300 луѓе се убиени.
Треба да се забележи дека изминатите месеци воената хунта беше изложена на жесток меѓународен притисок за враќање на демократски избраната влада на власт во земјата, за ослободување на Аунг Сан Су Чи и другите избрани функционери, како и на активистите, демонстрантите и новинарите. Но сите обиди надуваа на ѕид на молк. Мјанмар беше „игнорирана и заборавена“ од сите позначајни настани во овој дел на светот во текот на годината. Воениот врв на земјата не беше повикан на ниту еден значаен самит или средба, а осуди стигнаа од Советот за безбедност на ОН, ЕУ, АСЕАН….
Аунг Сан Су Чи пред речиси еден месец од судот во Јангон беше осудена првично на четири години затвор заради нарушување на антиепидемиолошките мерки, а откако целата светска заедница унисоно го осуди овој чин на нарачано пресудување, казната истиот ден беше намалена на две години затвор. Таа во моментов се соочува со серија други кривични дела што и се ставаат на товар, заради што таа е исправаат пред опасноста остатокот од животот да го мине зад решетки. Соборената премиерка се соочува со вкупно 11 обвинувања, што таа сите ги негираше.
Портпаролот на новоформираната Влада на национално единство, група која ја сочинуваат продемократски личности и противници на воениот удар, изјави дека Су Чи не се чувствува добро и дека генералите ѝ подготвуваат 104 години затвор, сакајќи таа да остане таму до крајот на животот.
Од друга страна, по воениот удар Мјанмар еве веќе цела година тоне во насилство и хаос. Насилството е најголема опасност, но со Ковид-19 и растечката сиромаштија се зголемува и ризикот од ескалација на ситуацијата во земјата.
Пандемијата го погоди слабиот и лошо развиен здравствен систем во Мјанмар, особено во руралните области. Многу
лекари и медицински сестри од државните клиники по пучот се приклучија кон кампањата за граѓанска непослушност и не одат на работа
Во секој случај, секојдневните собири на илјадници луѓе на протестите беа плодна почва за ширење на коронавирусот.
Хунтата најавува дека ќе се концентрира на повторно заживување на економијата. Меѓутоа пучот остави силни траги врз стабилноста на земјата, бидејќи значи дека војската и натаму ќе наметнува ограничувања во поглед на правата и слободите на луѓето, што , пак, ќе има рефлексија врз неопходните странски инвестиции за земјата. Што воениот врв конкретно може да направи во ваква ситуација, кои мерки ќе ги преземе во актуелната вонредна состојба, засега е тешко да се предвиди.
Едно истражување на „Институтот за меѓународна прехранбена политика” покажа дека како последица на пандемијата се загубија приходи од туризмот, се затворија текстилни фабрики, локдаунот им ја одзеде базата за егзистенција на лицата кои работат за дневници. Истражувањето дојде до заклучок дека сиромаштијата поврзана со ниските примања само меѓу јануари 2020 и септември 2020 е порасната од 16 на 63 проценти. Две третини од жителите живеат со помалку од 1,90 долари на ден, а 38 проценти од сите домаќинства во Јангон изјавиле дека во септември 2020-та веќе немале никакви приходи.
Од сето ова едно е сигурно, поради пандемијата, пучот и сеопштиот хаос во земјата, сиромаштијата во Мјанмар ќе расте и натаму и дека од ден на ден таа ќе станува се поалармантна. дали без никаква помош однадвор таа ќе заврши со социјална експлозија или хунтата ќе подлегне на меѓународниот притисокот да ги врати работите во демократските токови и да ја потсмири и политичката и економската состојба во земјата, засега е невозможно да се процени.