Норвешка ќе обезбеди бесплатна вакцина против Ковид-19 за своите граѓани кога ќе стане достапна, соопшти Владата на Норвешка, додавајќи дека тоа ќе биде дел од националната програма за вакцинација.
Норвешка, која е дел од единствениот пазар во Европа, но не е членка на ЕУ, во август објави дека ќе добие вакцини обезбедени од ЕУ благодарение на договорите со фармацевтските компании.
– Сакаме што повеќе луѓе да можат да примат безбедна и ефикасна вакцина. Затоа вакцинацијата ќе биде бесплатна, изјави премиерката Ерна Солберг.
Шведска, членка на ЕУ, ќе купи повеќе вакцини отколку што и треба и ќе го продаде вишокот на Норвешка. ЕУ досега има потпишано договори со три производители на вакцини и преговара со уште неколку. Норвешка е покриена со тие договори преку договор за препродажба со Шведска, објави Владата.
Норвешка е исто така дел од глобалната иницијатива за дистрибуција на вакцини COVAX, поддржана од СЗО, на која се приклучија 171 земја, вклучително и Кина, додека САД и Русија не се дел од таа група.